X
 04.03.2024 Живот

Вработените на петте јавни универзитети на мирен протест побараа потпишување колективен договор и изедначување со УКИМ

Потпишување колективен договор на петте јавни универзитети и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје побараа на денешниот мирен протест членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје.

Тие го поздравија потпишувањето и спроведувањето на колективниот договор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, но истовремено укажаа на нееднаквиот статус на останатите пет јавни универзитети во земјата. Сметаат дека се игнорирани и дискриминирани од Владата и Собранието во однос на УКИМ, чии вработени со потпишаниот колективен договор од овој месец ќе добијат зголемување на платите за околу 22 отсто.

Вработените во Универзитетот за информатички науки и технологии „Свети Апостол Павле“ од Охрид упатија порака до надлежните институции дека спроведуваат дискриминација кон нив и останатите четири јавни високообразовни институции.

- Ние имаме ист статус и извршуваме идентична општествена дејност. Со овој протест сакаме да го искажеме нашето незадоволство и воедно бараме потпишување и на нашите колективни договори или изнаоѓање законска рамка за пристапување кон колективниот договор од УКИМ. Во спротивно, во координација со останатите четири јавни универзитети во државата ќе ги дефинираме следните чекори за продолжување на овој штрајк, се до исполнување на нашите барања - рече Игор Јовески, претседател на синдикатот на вработени на Универзитетот „Свети Апостол Павле“ од Охрид.

Поддршка на синдикатот на битолскиот Универзитет „Свети Климент Охридски“ му даде ректорот Игор Неделковски, кој нагласи дека денеска во посета бил техничкиот премиер Талат Џафери, на кој му предочил дека ваквата ситуација, без разлика кои се причините, значи не само правен акт на дискриминација, туку и девалвација.

- Професорите, вработените и студентите на сите јавни универзитети се вработуваат под еднакви услови и извршуваат еднакви работни задачи. Оваа состојба значи дека нашите професори и вработени се 22 проценти помалку вредни од професорите на УКИМ. Но, што е уште пострашно, тоа води кон тоа дека нашите студенти посетуваат 22 отсто понеквалитетна настава бидејќи добиваат знаење од професори и вработени кои се за 22 проценти помалку платени од своите колеги - рече Неделковски.

Тој кажа дека добил порака од претседателот на Собранието, Јован Митрески, во која било наведено дека на денешната координација на пратеничките групи донеле одлука да предложат измени на Законот за високо образование со кои ќе се регулира коефициентот за исплата на плата на вработените во јавните високообразовни установи, со што ќе се обезбеди соодветно покачување на платите на сите.

Доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство. На овие универзитети има 1.500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3.200 вработени лица.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот