Козметичките хирурзи секогаш се справувале со прилично чудни барања за корекции и имитации со кои клиентите би ги добиле, на пример, усните на Анџелина Џоли или, пак, градите на Селма Хаек. Сепак, денешните тинејџери се посебна раса.
Додека пред една деценија барањето да личат на омилената славна личност можеби беше популарно барање, денес тинејџерите сакаат да личат на нивните омилени филтри од „Снепчет“.
Нилам Ваши од бостонскиот Медицински центар го состави терминот „Снепчет дисморфија“ за да го објасни новиот загрижувачки тренд. Според нејзе, тинејџерите сѐ повеќе ја менуваат перцепцијата за убавина на луѓето.
-Мало прилагодување на „Фејстјун“ може да ја измазни нашата кожа и да направи забите на ни бидат побели, а очите и усните поголеми. Овие филтри станаа норма - објаснува таа.
Сето тоа почнува да води кон реални проблеми. Телесната дисморфија, на пример, е состојба која вклучува претерана преокупираност со некоја мана во изгледот. „Снепчет дисморфијата“ е гранка на истата состојба. Тинејџерите, кои некогаш се фокусираа на нешта како големината на носот, на пример, сега се критички настроени и кон нормални линии, дамки и несовршености маскирани со филтрите на „Снепчет“.
Додека хирурзите се неодлучни во извршувањето на ваквите видови на процедури на деца кои сѐ уште се во развој, од американската Медицинска академија за фацијална и реконструктивна пластична хирургија велат дека во 2017 година 55 отсто од лекарите виделе пациенти кои сакаат да изгледаат подобро на селфињата. Тоа е за 13 отсто повеќе од претходната година.
Ваши објаснува дека луѓето прашуваат што би било потребно да се направи за да изгледаат како што изгледаат кога ќе вклучат филтер со пеперутки или оној со цветната круна.
-Луѓето бараат од мене да го сменам обликот на нивниот нос или да им направам пополни усни. Но, обично сакаат корекција на асиметријата - вели таа.
Асиметричните лица се сосема нормални, но симетричните се сметаат за попривлечни. Додека „Снепчет“ не ги прави асиметричните лица посиметрични, сепак ги редуцира брчките и дамките преку измазнување и осветлување, на тој начин редуцирајќи ја појавата на асиметрија кај некои лица.
Таа
симетрија, очигледно, ја буди волјата кај некои луѓе да одат на скапи операции за да личат на идеализираната верзија од нив.