X
 04.10.2018 Наука

Ја немало на „Википедија“ зашто не била доволно славна, а сега освои Нобелова награда

Дона Стрикланд, која доби Нобелова награда за физика, немаше страница на „Википедија“ сè додека не стана нобеловка, а претходните обиди да се направи страница за неа не биле одобрувани затоа што не била доволно славна.

Стрикланд е добитник на овогодишната Нобелова награда за физика за откритија во полето на ласерите, заедно со францускиот научник Жерар Муру.

Но, страницата на „Википедија“ посветена на оваа физичарка беше направена дури откако таа ја доби наградата. Во мај од „Википедија“ не одобриле да се направи страница за Стрикланд, а пред да ја добие наградата, физичарката на оваа онлајн-енциклопедија била спомената само во еден текст за Муру.

Стрикланд е третата жена што ја доби Нобеловата награда за физика и единствената жива жена што ја добила оваа награда. На прес-конференцијата во вторникот таа се изненади од тој факт.

- Толку ли се, навистина? Мислев дека има повеќе - рече таа.

Стрикланд е доцент по физика на Универзитетот во Вотерлу, Канада, и многумина забележале дека нејзиниот академски ранг не ја одразува значајноста на нејзината работа. Според Стрикланд, тоа е прашање на приоритети. Таа никогаш не барала повисока титула.

Сега на „Википедија“ има страница за Стрикланд, каде што таа е опишана како канадски физичар, академик и нобеловка, пионер во полето на ласерите.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука