X
 04.11.2018 Живот

Македонскиот јазик во медиумите, ќе се задушуваме ли зимава како лани... Што истражуваше Факултети.мк неделава?

Катастрофална е состојбата со употребата на македонскиот јазик во медиумите, актерот Благој Чоревски го навративме на студентските денови, Кристијан Ристески пее во чест на Тоше, врвните музичари и балерини се доказ за 40-те години постоење на ОМУ „Васо Карајанов“ од Гевгелија – ова се дел од темите и личностите што неделава го заинтригираа тимот на Факултети.мк и Деца.мк.

Кристијан Ристески

Интервјуто со Кристијан Ристески предизвика најголемо внимание во изминатите седум дена. Внукот на единствениот Тоше зборуваше за тајните места во Крушево што ги имал со својот вујко.
„Целиот Балкан беше одушевен кога Кристијан, внукот кој Тоше толку многу го споменуваше, пропеа пред 10-ина години. Во него како да го гледаа Тоше. Песната „My Little One“ ја снимиле заедно во демо-верзија, но беше доработена и постхумно објавена во 2009 година. Тогаш целиот регион го запозна Кристијан. Но, тој јавно оттогаш не објави ништо. Кристијан не запеа повторно“.

Големиот број медиуми, особено бројноста на емисиите што одат во живо, а и порталите, придонесе македонскиот стандарден јазик да го слушаме и читаме сѐ помалку, вели проф. д-р Симона Груевска-Маџоска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, во текстот посветен на македонскиот јазик во медиумите.
- За жал, и новинарите, односно водителите, не заостануваат зад гостите во кршењето на нормата, употребата на нестандардни зборови, погрешниот акцент итн. Особено пречи кога и во титлувањето и на кајронот оди текст со правописни грешки – вели професорката и ја оцени состојбата како катастрофална.

Благој Чоревски заедно со Гоце Тодоров и Ванчо Петрушевски

Актерот Благој Чоревски и во осмата деценија од животот е неуморлив. Овој пат го навративме на неговите студентски денови во Софија.
- Студентскиот живот ни беше прекрасен. Живеевме на висока нога, за источните земји бевме недостижни. Цимери ми беа Мето, Диме и Ѓорги. Двајца актери и двајца режисери - тоа се анегдоти колку ти душа сака. Многу си помагавме едни на други. Јас бев ангажиран за хигиената, ги перев кошулите, за да не ги даваме на студентските сервиси. Храна имавме во студентскиот дом, бугарски студенти не смееја да доаѓаат. Ама бидејќи имавме многу пари, често одевме во унгарскиот ресторан откарши, каде што бевме многу познати - се потсетува Чоревски.

За вечната тема за загадувањето на воздухот во зимскиот период разговаравме со проф. Ивица Милевски.

- Очекуваме претстојниот период да биде нешто помеѓу изразено студената зима во 2016/17 година и минатогодишната (2017/18), која беше релативно топла и ветровита. Според прогнозите, по топлите месеци ноември и декември, веќе од Нова година (до средината на февруари) ќе следуваат неколкукратни продори на студени воздушни маси од север и североисток. Во комбинација со слаба ветровитост во релјефно добро заградените котлини, ќе настане воздушна стагнација по дната на котлините, во вид на „езера од студен воздух“ – изјави Милевски.


Со повеќе од 40 музички настани, концерти, работилници и натпревари во текот на цела година, Основното музичко училиште „Васо Карајанов“ годинава одбележува четири децении постоење. Врвни македонски музичари и оркестри дадоа свој белег во одбележувањето на јубилејот.

Го поставивме прашањето за празникот „Ноќ на вештерките“ и дали е ова уште еден празник кој ни е наметнат и слепо го прифаќаме иако нема никаква врска со македонската традиција или, пак, на него треба да се гледа како на уште една радост за децата? Мислењата се поделени за Халовин.

Кои прегледи му се прават на новороденчето во болница, ни објасни прим.д-р Елизабета Љ.Петковска, раководител на Одделението за интензивен третман на новоредни деца при Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.

Градинката „Росица“ во Општина Ѓорче Петров

Ни беше задоволство на нашите читатели да им претставиме и позитивно искуство на Татјана Богдановска, негувателка во градинката „Росица“ во општината Ѓорче Петров.
Богдановска од обичните бели ѕидови создава вистински приказни во боја, од кои им запира здивот на децата, на родителите, вработените, како и на сите гости што доаѓаат во посета на објектите. Вели дека цртежите ги инспирираат децата и прават тие да се чувствуваат поубаво меѓу нивните омилени цртани ликови.


Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот