Студентите на приватниот Факултет за Бизнис-економија - ФБЕ, кои на 19 октомври
протестираа затоа што не им почна академската година, сѐ уште немаат настава.
Една од студентките, која е на самиот крај на своите студии, за Факултети.мк сподели дека одложувањето на наставата за нив претставува огромен проблем, особено кога последната обврска поврзана со факултетот им е одбрана на дипломскиот труд, што е клучно за продолжување на нејзините магистерски студии во странство каде што веќе е примена.
- Испративме писмо до Министерството за образование, меѓутоа, оттаму нема никаков одговор. Пробуваме да стапиме во контакт со министерот Јетон Шаќири, но безуспешно. Затоа сакаме јавно да го повикаме и тој да се вмеша во случајот - вели студентката.
Сите студенти се загрижени за продолжувањето на своето образование, а некои веќе бараат други опции за своите студии, каде што одново ќе треба да го започнат своето образование или пак да земат цела година.
Студентите се загрижени дека во случај на престанок на работа на факултетот, тие нема да си ги добијат парите за партиципација назад.
- Загрижени сме дека и при престанок на работа на факултетот, нашите пари нема да ни бидат вратени. Постои можност парите за партиципација да не ни бидат вратени и одново да имаме нови трошоци за упис на друг факултет - вели таа.
Побаравме изјава од директорката на факултетот, Жанина Кировска, која кратко ни кажа:
- Почетокот со настава се планира интензивно за овој семестар да почне што поскоро. Во текот на следната недела студентите ќе бидат официјално известени за организацијата на наставата.