X
 05.05.2021 Живот

Финска е единствената земја во ЕУ каде што се намалува бројот на бездомници

Да се изгуби местото на живеење е една од најлошите работи што може да ѝ се случат на една личност. За жал, се проценува дека околу 150 милиони луѓе, или 2 отсто од светската популација, се бездомници. Проблемот со бездомниците го има и во развиените земји и во земјите во развој, но некои подобро се справуваат од другите.

На пример, Финска усвои политика за домување и сега е единствената земја во Европската Унија каде што се намалува бездомништвото. Од 2008 година, кога беше усвоена политиката „Хаусинг фрст“, бездомништвото се намали за околу 40 отсто. Кон крајот на 2020 година 4.340 лица биле пријавени како бездомници. Финска има 5,5 милиони жители, што значи дека само 0,08 отсто биле бездомници.

Пред 2008 година финската влада се обидела да го реши проблемот со бездомништвото, но не функционирало толку добро. Биле изградени краткорочни засолништа, но тоа не помогнало на долг рок. И понатаму имало околу 8.000 бездомници кои не можеле да најдат работа затоа што им бил потребен постојан престој. Не можеле да плаќаат кирија затоа што немале работа и не заработувале, па сето тоа било еден затворен круг.

Ситуацијата била толку лоша, што имало села со шатори среде главниот град. Кога во 1987 година биле собрани податоци за бездомништвото, имало околу 18.000 луѓе што биле бездомници. Актуелната влада се обврза да го намали бездомништвото до 2023 година и целосно да му стави крај до 2027 година.

шатор
Фото: Eric Fischer/Flickr

Многумина ќе прашаат која е тајната? Па, во 2008 година финската влада одлучи да заземе поинаков став и едноставно да им даде на луѓето место за живеење. Без оглед на тоа како едно лице станало бездомник, му се дава дом и поддршка за да може да остане таму.

Не постојат услови или цели што треба да ги исполни лицето за да остане таму. Не треба да остане трезен или да добие работа за да добие место за живеење. Идејата зад домувањето е да се решат проблемите што може да ги има некое лице што се изложува на ризик да стане бездомник. На пример, тие не може да се ослободат од нивните зависности ако бидат избркани од засолништата. Проблемот се решава со давање домови на бездомниците и обезбедување систем за поддршка што ќе им помогне да застанат на нозе.

Но, овие луѓе не остануваат сами: тие се поддржани во обновата на нивните односи со пријателите и семејствата. Многу од нив имаат ментални и медицински состојби на кои им е потребна грижа, а некои од нив немаат соодветно образование или вештини што би биле корисни за работните места или за секојдневието - програмата „Хаусинг фрст“ вклучува поддршка во сето тоа. Поради овој систем на поддршка, 4 од 5 погодени лица се враќаат во стабилниот живот.

За да се случи сето ова, Финска мораше да вложи многу пари, бидејќи ѝ беа потребни куќи каде што ќе може да ги смести бездомниците. Државата купи станови од приватниот пазар, изгради нови згради, а старите згради ги пренамени и ги обнови. Доказите покажуваат дека овие инвестиции се исплаќаат и дека е поевтино ако една држава нема бездомници.

Извор: Bored Panda
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот