Кога станува збор за громовите, според европските податоци, Балканот спаѓа во помалку загрозена територија. Меѓутоа, многумина се плашат кога ќе почне да грми.
Стравот е основан, со оглед на тоа што не се ретки случаите на повредени луѓе и уништени предмети кога удира гром. Деновиве на Балканот се очекуваат чести врнежи со грмежи, а во вакви услови, особено во пролетните и летните месеци, постои опасност од удари на гром.
Климатологот Владимир Ѓурѓевиќ од Србија наведува дека најважно е да се тргнете од отворен простор, односно најдобро е да се влезе во зграда. Ако вашата куќа или зграда не се во близина, добро е да останете во затворен автомобил.
- Препорака број еден до која треба да се придржуваме кога имаме ситуација со грмотевици е да се обидеме да се засолниме во затворен простор и да не стоиме во близина на електрични жици и кабли кои во куќата ги има во изобилство, да не користиме фиксен телефон, да не ја користиме чешмата, да не бидеме во контакт со вода. Не треба да бидеме ни до прозорецот. Само треба на некој начин да се смириме и да почекаме да помине невремето - вели Ѓурѓевиќ.
Тој додава дека можеме, доколку сме многу загрижени, да ги исклучиме сите уреди додека не помине невремето.
Избегнувајте високи предмети
Доколку нè зафати невреме во автомобилот, нè советува да останеме во него и да ги затвориме прозорците паркирајќи се на простор каде што нема да бидеме во близина на висока зграда.
Значи, да не паркираме до метален столб, далновод, станица за градски превоз. Исто така, да не паркираме под дрво. Не треба да се стои во близина на високи згради, без разлика дали сме во автомобил или не. Доколку сме блиску до нив, треба да се оддалечиме од таквите објекти - посочува Ѓурѓевиќ.
Ако се најдеме на отворено, треба да избегнуваме високи дрвја и вода.
- Сè што е малку повисоко, сè што на некој начин „стрчи“ во таа околина има поголеми шанси да биде погодено од гром, па затоа треба да се оттргнеме од сите високи згради - истакнува Ѓурѓевиќ.
Често се мисли дека натстрешниците се добри за криење, но тој посочува дека не се.
- Значи, треба да се тргнеме од натстрешниците од тие полуотворени простори, како што се автобуските постојки и сите објекти од тој тип - посочува Ѓурѓевиќ.
Ако немаме стан или некоја друга просторија во која можеме да влеземе при невремето и ако останеме на отворено, треба да се оддалечиме од високите згради, да клекнеме и да стоиме на прсти за да ја намалиме контактната површина со подлогата.
- Значи, треба да бидеме во што помал контакт со земјата. Лежењето не е добро токму затоа што сме во допир со земјата со голема површина, а ако гром удри некаде во нашата близина, дел од таа енергија може да се пренесе од земјата, затоа треба да се намали контактот со земјата - посочува Ѓурѓевиќ.
Спротивно на популарното верување, не е опасно да се користи мобилен телефон додека грми. Се разбира, ако сте во затворен простор. Сепак, треба да се држиме подалеку од фиксните телефони.