X
 05.08.2020 Култура

Летното кино во Кинотеката ќе се вика „Мирно лето“ во чест на нашата прва филмска комедија

Летното кино во Кинотеката во Скопје ќе се вика „Мирно лето“ според истоимениот македонски игран филм на Димитрие Османли, еден од филмовите-меѓници во македонската кинематографија, со пионерски дух во многу сегменти.

„Мирно лето“ на Османли вечерва во 20 часот ќе биде прикажан на програмата на летното кино под отворено небо во Кинотеката на Македонија. Пред точно 60 години Димитрие Османли го почнал снимањето на филмот. Од Кинотеката најавуваат дека овој филм годинава дигитално ќе се реставрира. Сите овие јубилеи се повод Кинотеката да го именува летното кино „Мирно лето“.

 Димитрие Османли е првиот македонски филмски режисер, а „Мирно лето“ е првата комедија во македонската кинематографија. Премиерата на филмот се одржала на 18 мај 1961 година во скопското кино „Култура“.

За време на проекцијата ќе бидат претставени и неколку артефакти инспирирани од филмот и неговиот автор, меѓу другото, и карикатури на Василије Попович-Цицо и Дарко Марковиќ.

- Тешко е од денешен аспект да се објасни, а особено на помладите генерации, колку големо внимание предизвика овој филм, со колку љубов и воодушевување беа посетувани неговите проекции во кината. Главното дејство се одигрува во Охрид, иако делови од филмот беа снимени и во Скопје. Во она мирно, тивко, предземјотресно Скопје, со својот тогашен неповторлив шарм и убавина, но и убавината и неповторливоста на Охрид, како копнеж и желба на поинаков начин да се доживеат летните денови и авантури. Иако во тие години бевме на тинејџерска возраст, низ Скопје се ширеа приказни на кои места е снимен филмот, во кои објекти, што потоа бевме да ги посетиме, да ги видиме одблиску, особено делови од палатата на Рубенови во паркот. Настапуваа врвни, во тоа време особено популарни актери, но врвни мајстори беа и камерманите (Љубе Петковски), сценографите (Диме Шумка), сценаристите (Фрида Филиповиќ), монтажерите (Маја Лазаров), сето тоа беше обединето под режисерската палка на Димитрие Османли и продуцентот „Вардар филм“. Внимание привлекуваше самиот жанр – комедија, но и артистите, кои оставија траен белег во филмската и во театарската историја. Но, во филмот се појавува уште еден јунак што не смее да се заборави, и кој во дејството внесува посебен шарм: тоа е италијанскиот автомобил „фиат балила“, кој им помага на јунаците од филмот, но им прави и проблеми кога ќе се расипе...“, вака пишуваше за „Мирно лето“ хроничарот и писател Данило Коцевски пред две години.


Улогите ги толкуваат: Љупка Џундева, Слободан Перовиќ, Мери Бошкова, Илија Милчин, Дарко Дамевски, Ацо Јовановски, Петре Прличко, Илија Џувалековски.

Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура