X
 05.10.2018 Здравје

Австралија е на пат да го елиминира ракот на грлото на матка

Австралија ќе стане првата земја во светот што ќе го елиминира ракот на грлото на матката, стои во нова студија која покажува дека моменталната програма за национална превенција функционира исклучително добро.

Според тимот предводен од истражувачи од Советот за рак од Нов Јужен Велс, за само две години зачестеноста на рак на грлото на матката ќе биде толку мала, што ќе се смета за редок рак.

Тоа, според студијата, значи дека годишно ќе има само шест нови случаи на 100.000 луѓе.

Тимот предвидува дека до 2028 година стапката ќе се намали уште повеќе, на помалку од четири нови случаи на 100.000 луѓе - стапка која би била толку ниска што овој вид рак би се класифицирал како елиминиран.

Ако Австралија ги задржи моменталните напори за превенција, до 2034 година ќе има помалку од еден смртен случај на 100.000 луѓе годишно.

Овие бројки се базирани на студија каде што истражувачите искористиле реални податоци за да ја предвидат зачестеноста на ракот на грлото на матката во земјата во периодот меѓу 2015 и 2100 година, врз основа на различни сценарија.

Резултатите се особено значајни имајќи предвид колку чест и смртоносен е ракот на грлото на матката во другите земји во светот.

Според Светската здравствена организација (СЗО), тоа е четвртиот најчест рак кај жените и има особено висока стапка на смртност бидејќи има малку симптоми и често не е забележан додека не стане предоцна.

Но, ракот на грлото на матката не мора да биде толку смртоносен бидејќи ги имаме алатките за да го спречиме, само треба на луѓето да им се даде пристап до вистинските видови на скрининг и превенција, што вклучува вакцинација против сексуално преносливиот хуман папиломa вирус (ХПВ). Знаеме дека 99 отсто од случаите на рак на грлото на матката се предизвикани од инфекција со овој вирус, кој е многу чест.

Фото: Wikipedia

Па што прави Австралија различно од другите земји?

Земјата има детална стратегија за превенција, која е започната во 1991 година со програма со која се охрабруваат сексуално активните жени или оние повозрасни од 18 години да прават ПАП-тест на секои две години. Но, најрадикалниот чекор беше направен во 2007 година, кога земјата ги охрабри сите тинејџерки да примаат бесплатни ХПВ-вакцини, нешто што беше толку ефикасно што истата програма беше започната и за момчињата во 2013 година.

Во студијата, сепак, е нагласено дека и покрај очекуваниот напредок, земјата треба да продолжи да се фокусира на тоа да биде сигурна дека младите ќе ја примаат вакцината и дека ќе има обезбеден скрининг за постарите што не ја примиле имунизацијата.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје