X
 05.10.2022 Живот

Зошто на Кијану Ривс му е непријатно што заработува толку многу?

Познатиот актер Кијану Ривс го знаеме по одличните улоги во една од наjуспешните трилогии на сите времиња - „Матрикс“, како и по легендарната акција од 90-тите година - „Брзина“, а во текот на кариерата заработи вртоглави 315 милиони долари.

Сепак, многумина не знаат дека Кијану важи за еден од најдарежливите актери во филмската индустрија, па овој голем филантроп го има поделено најголемиот дел од своето богатство.

Негов пријател го открива ова за американските медиуми, а како причина го наведува фактот што на актерот му е многу непријатно што заработува толку многу.

- Тоа е нешто поради кое му е многу непријатно. Поголемиот дел од парите Кијану им ги дели на луѓето на кои им е потребно, а само малкумина го знаат тоа. Тој е свесен дека има среќа, но за разлика од другите холивудски мегаѕвезди, тој не го зема тоа здраво за готово - вели неговиот пријател.

Во декември актерот донира 70 отсто од заработката од филмот „Матрикс“ за истражување и изнаоѓање лек за пациентите со леукемија. Покрај тоа, ужива во купувањето подароци за своите соработници, семејството и за добротворни организации.

Така, му дал бонус од 20.000 долари на член на екипата што го снимала „Матрикс“ бидејќи имал финансиски проблеми.

Исто така, на дванаесетте каскадери во новиот филм „Матрикс“ им подарил мотори „харли дејвидсон“, а за време на снимањето на четвртиот дел од „Џон Вик“, на членовите на неговиот каскадерски тим им подарил скапи часовници „ролекс сабмаринер“ со лична посвета.

Кијану има репутација на актер со кој сите сакаат да работат, не само поради неговата љубезност, туку и поради фактот што никого не потценува и сите ги смета за еднакво важни за успехот на еден филм.

Извор: Bizlife.rs
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот