X
 05.12.2022 Живот

Малолетник од Скопје испратил една од лажните дојави за бомби во училиштата, го признал делото

Секторот за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција денеска поднесе кривична пријава против малолетник од Скопје за сторено кривично дело тероризам, предвидено и казниво по член 394-б став 2 од Кривичниот законик.

– Пријавениот малолетник инспириран од претходни објави за поставени бомби во неколку средни училиштата на територијата на град Скопје, во период од 26 октомври до 2 ноември годинава на социјалните мрежи забележал дека пораките биле испратени преку конкретен провајдер, кој нуди криптирање и заштита на комуникацијата, при што на 4 ноември од неговиот персонален компјутер, пристапувајќи на интернет-мрежата на еден телекомуникациски оператор, креирал електронска адреса на конкретниот провајдер преку која напишал заканувачка порака за поставени експлозиви во четири средни училишта. Истиот ден, користејќи посебна апликација, преку неговиот мобилен телефон се поврзал на неговиот персонален компјутер и во 14:09 часот, од претходно креираната електронска адреса на службените електронски адреси на четирите средни училишта во Скопје, ја испратил горенаведената порака со заканувачка содржина - информираат од МВР.

– Со цел обезбедување докази, од страна на Секторот за борба против тероризам насилен екстремизам и радикализам во соработка со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика и Секторот за меѓународна полициска соработка, преземени се мерки при што е утврдено дека електронската адреса на пријавеното лице била креирана на 4 ноември 2022 година во 11:17 часот од Ај-Пи адреса, за која од страна на телекомуникациски оператор се доставени податоци дека сопственик е Д.К.Ч. (43) од Скопје, мајка на кривично пријавеното малолетно лице - појаснуваат од МВР.

Врз основа на издадена наредба од судија на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје, на 7 ноември бил извршен претрес на домот и други простории каде што живее Д.К.Ч., при што се одземени десктоп компјутер, еден мобилен телефон и СИМ-картичка, кои ги користел малолетникот, а од страна на Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика извршен е преглед во електронските уреди кои ги користи кривично пријавениот. Притоа било утврдено дека на 4 ноември преку интернет-пребарувач било пристапено на конкретниот сервис-провајдер, а врз основа на наредби од ОЈО за ГОКК извршено е вештачење на електронскиот доказен материјал, при што е утврдено дека пријавениот платил за закупување пакет од провајдерот за користење безбедна електронска пошта.

На 7 ноември во ПСОН Карпош, во присуство на родител, инспектор за малолетници и семејно насилство од СВР Скопје и адвокат, извршен е разговор со пријавениот малолетник, при што тој го признал делото и го појасни начинот на негово извршување.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот