Топлите денови пристигнаа и веќе ни се чини логично да го паркираме автомобилот под некое дрво. Така помалку ќе се загрева, ќе биде поудобно возењето, а исто така и гумените и пластичните делови од автомобилот помалку ќе страдаат. Освен тоа, УВ-зрачењето предизвикува два вида оштетување на бојата на автомобилот: фотодеградација и оксидација. Во зависност од квалитетот на лакот и условите, сончевите зраци видливо ја избледуваат бојата за 5 до 10 години.
Црвените автомобили се особено чувствителни на УВ-зраците. Имено, брановите должини поврзани со црвената боја се наоѓаат во делот од спектарот со најниска енергија на видливата светлина, па црвената боја, за да ни изгледа црвено, мора да апсорбира бранови должини на многу поголеми енергии, што предизвикува поагресивна деградација на молекуларните врски во боја.
Но, експертите предупредуваат дека одлуката да го оставите автомобилот под дрво има лоши страни кои може скапо да ве чинат. Има две клучни причини за тоа.
Од дрвјата паѓаат секрети од инсекти
Секрети од инсектите се нивниот измет и медната роса. Веројатно сте забележале дека во текот на пролетта вашиот лимен миленик по ден или два стоење под дрво е покриен со милиони ситни стаклести точки. Можеби сте се прашувале од каде доаѓаат тие. Тие проѕирни топчиња се викаат медна роса. Тоа се капки леплива течност богата со шеќер и аминокиселни кои од дрвјата паѓаат на стаклото и металните површини на кои се сушат. Нив ги лачат инсекти кои се хранат со билни сокови.
Медната роса е проблем во секојдневниот живот
За жал, во секојдневието медната роса не е пожелна. Неа најчесто ја лачат лисните вошки и други инсекти кои цицаат билни сокови, а при цицањето пренесуваат вируси. Исто така, во билките лачат лига која предизвикува деформација на билните органи. Медната роса ги покрива автомобилите со стаклести топчиња на кои се лепи прашина, а не е лесно да се отстрани. Таа е одлична подлога за развој на црна габа, која се храни со шеќери. Целиот тој процес со текот на времето може да го оштети лакот, односно бојата на автомобилот.
Птичји измет
Друг проблем со паркирањето под дрвја е птичјиот измет. Во крошните на дрвјата има повеќе птици кои се задржуваат подолго и ја извршуваат нивната карактеристична нужда 2 во 1. Имено, птиците немаат меур, па нивната урина од бубрегот и изметот од дигестивниот систем се мешаат и се исфрлаат заедно. Поради урината, изметот на птиците е течен, а поради киселините во урината, тој има бела боја. Урината на птиците е концентрирана бидејќи содржи малку вода зашто таа е тешка и претставува товар при летањето.
Нивоата на киселост на птичјиот измет може да бидат многу високи; нивната pH се движи од 3 до 4,5. Вредноста на pH е мерка за киселост, односно ниво на водородни и хидроксилни јони во растворот - па колку е помала вредноста на pH, толку е поголема киселоста. Во водата и неутралните водни раствори бројот на анјоните и катјоните е еднаков, а вредноста на pH е 7. Кога бројот на водородни катјони е поголем од бројот на хидроксилни анјони, настануваат киселини.
Киселините имаат pH-вредност меѓу 0 и 7. Со други зборови, киселините имаат pH помала од 7, а кај базите pH-вредноста стигнува до 14. Растворите како уринарната киселина, со вишок катјони на водород, имаат тенденција да се вратат на урамнотежена, неутрална pH од 7, така што одземаат хидроксилни јони каде и да можат да ги пронајдат. Кога ќе се најдат на лак на автомобил, дополнителните катјони Н+, кои се наоѓаат во уринарната киселина на птичјиот измет, ќе реагираат со јаглеводородите на лакот и бојата и полека ќе ги разградат.
Јакото сонце дополнително го зголемува проблемот. Имено, кога лакот ќе се загрее, молекулите во него вибрираат појако поради зголемувањето на топлотната енергија и меѓусебно се оддалечуваат, со што стануваат пошупливи. На тој начин се растегнува живата во топломерот. Поради зголемувањето на шупливоста, уринарната киселина продира подлабоко во лакот и оштетувањата се поголеми. Посебен проблем се големите количини измет од големи птици кои долго стојат на жешкиот лак. Колку подолго го оставате автомобилот на сонце и колку се поголеми количините измет, толку поголеми и подлабоки ќе бидат оштетувањата. Кога автомобилот ќе се излади во текот на ноќта, лакот повторно се стега. На тој начин, преку растегнување, дејствување на киселината и стегнување, настануваат оштетувања на лакот и тој може да испука.
Секако, одлуката да не го паркирате автомобилот под дрво нема да ве спаси од птичјиот измет.
Смола од дрвјата
Ќе имате проблеми и ако автомобилот го паркирате под иглолисно дрво од кое често капе смола. Во тој случај, исто така, клучно е да се реагира пред смолата да се исуши на сонце и да стане крута бидејќи нејзиното отстранување може да го оштети лакот. Во овој случај помага восокот.
Како се отстранува медната роса и како се штити автомобилот?
Како да се спречат наведените проблеми?
Медната роса најдобро е да ја отстраните со многу вода и сапуница која се користи за отстранување маснотии. Ако сакате да го спречите или ублажите оштетувањето, препорачливо е лакот да го заштитите со восок за автомобили. За жал, запечената медна роса не се отстранува лесно, па потребно е да се вложи повеќе труд за да се стопи без инвазивно стругање.
Како се отстранува птичјиот измет и како се штити автомобилот?
Ако сакате барем краткотрајно да го заштитите автомобилот од киселините од птичјиот измет, редовно мачкајте го со восок. Колку побрзо го отстраните изметот, толку подобро. Ако сте задоцниле, на лакот на автомобилот може да се појават два вида оштетување - површинско и длабинско.
Површинските оштетувања потсетуваат на дамки на кои лесно можете да ставите тврда вода. Овој проблем главно може да се реши со вообичаено полирање или во потешките случаи со мокро полирање.
Подлабоките оштетувања, каде што може да дојде до пукање на лакот поради ширењето и стегањето, е потешко да се санираат. Во таквите случаи оштетувањата може да продрат низ проѕирниот лак сè до бојата. Понекогаш дури е потребно ново бојадисување на делови од автомобилот.
Поради горенаведеното, експертите препорачуваат автомобилот да не се изложува долго на јако сонце, птици и инсекти без заштитен восок.
Како да ја отстраните смолата од автомобилот?
Ако не успеете да ја отстраните смолата со топла вода и сапун, можете да пробате со малку отстранувач на лак за нокти, но без ацетон. Некои експерти препорачуваат изопропилен алкохол. Во продавниците за автокозметика обично може да се купи средство кое е посебно наменето за отстранување смола од автомобилите.
Фотографии: Pixabay