Младите треба да сфатат дека поледелството не е веќе вила и мотика, дека она што ќе се научи може да се искористи понатаму во животот, а за да се увиди тоа, мора да се срушат стереотипите и поледелството да се третира стратешки. Како професија и наука, поледелството е важна за нашата иднина, вели проф. д-р Зоран Димов
Еден од приоритетите на модерниот свет е да се обезбедува храна за населението и затоа земјоделските инженери често велат дека покрај медицината, не постои похумана професија од земјоделството. Затоа оваа гранка во модерниот свет постојано се унапредува, модернизира и фаворизира, зашто таа е еден од важните сегменти од кои зависи иднината на човештвото. Ако пред 30-40 години на површина од 1.500.000.000 хектари се произведувала храна за 3 милијарди луѓе во светот, денес на истата површина треба да се произведе храна за 7 милијарди, а за 30 години - за 9 милијарди. Тоа се постигнува со користење на современи технологии, модeрно производство, со кои од единица површина ќе се добие повисок и поквалитетeн принос, нешто за кое се неопходни знаење и стручен кадар.
Проф. д-р Зоран Димов
Ресурси и има и нема, но доволно кадар дефинитивно нема
Македонија не е исклучок од таа приказна. Со зголемувањето на потребата од храна, со ресурсите што ги имаме, со самото тоа што потребите од најважните земјоделски производи ги увезуваме (маслото за јадење и шеќерот речиси 100%), со странските инвестиции што доаѓаат, а во последно време и современите текови кои донесоа новитети за нашето поднебје, на пример, легализацијата и одгледувањето на канабисот за медицински цели, потребата од земјоделски, но пред сè од поледелски стручен кадар е сè поголема, а за жал кадар нема доволно.
Затоа, како што вели проф. д-р Зоран Димов од катедрата за специјално поледелство, при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ), сите треба сериозно да се фатат за работа која ќе придонесе за изготвување стратегија која ќе биде гарант за успешност во иднина – насочување на младите, кршење на стереотипите, рушење на табуата за оваа струка.
- Нашата институција, Факултетот за земјоделски науки и храна при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, со наставниот кадар што го има, нуди комплетна едукација и подготвува одлично обучен академски кадар. Тоа е мошне важен сегмент, но не е само тоа, треба да се направат измени во насочувањето на учениците можеби уште во основното образование - вели проф. Димов.
Кога на младите во најраното ниво на образование ќе им поставите едно обично прашање за тоа што сакаат да бидат, најголем дел одговараат - лекар, адвокат, уметник... никој нема да каже агроном. Оттука, на младите од најрана возраст мора да им се објасни значењето на земјоделството, дека маслото за јадење, лебот, шеќерот и другите прехранбени производи не се добиваат тукутака, дека за тоа постојат растенија кои се одгледуваат и со чија преработка се добиваат конкретни производи.
Потребно е правилно насочување на младите уште од најрана возраст
Според него, неопходни се стратешки чекори кои треба да почнат да се прават уште во основното и во средното образование, кога треба да почнат да се кршат тие стереотипи.
- Точно, поледелството не е канцелариска работа и во принцип е работа на отворено, но сегашното поледелство е модерно, со современа механизација, автоматизација, модерни алатки... и тоа во непосреден допир со природата. Поледелството треба да се сфати како една многу хумана професија, што всушност и е. Сите тие предности и вредности на поледелството треба да им се објаснат на учениците. Ние уште од основен и среден циклус на образование (мислам на гимназиите) недоволно ги насочуваме учениците - вели професорот.
Сигурно, смета тој, дел од одговорноста ја носи и академската фела што не успева да се наметне меѓу младите, што перманентно не го актуализира значењето на земјоделската струка. Несомнено промени мора да дојдат и на ова поле.
- Ваквите интервјуа се само еден начин за почеток на ваквите промени. Една од институциите што можат да бидат вклучени во уривање на стереотипите е и ресорното министерство преку секојдневните контакти што ги има со земјоделските производители во земјата, во мотивирање на младите академски да се усовршуваат во оваа дејност. Младите треба да сфатат дека сега земјата веќе не се обработува како во времето на нивните дедовци, дека компјутеризацијата е навлезена и во оваа струка, дека секоја мерка мора да биде придружена со претходна пресметка и анализа, дека за да се произведе повеќе и подобро, се користат технологии кои до пред 20-30 години биле незамисливи. Време е да го заживееме поледелското производство, но мора да побрзаме зашто тоа време одминува - додава Димов.
Еден од начините за заживување на оваа струка е и стипендирање на студентите од страна на компании кои имаат потреба од ваков кадар. Нешто што во светот масовно се практикува и покажува добри резултати во праксата, а резултатите на ваквите студенти се далеку подобри во текот на студирањето затоа што знаат дека имаат вработување по четиригодишната едукација. Има поместувања и во овој сегмент, но тоа треба да е помасовно и континуирано.
Мораме да ги искористиме потенцијалите ако сакаме да обезбедиме доволно храна.
Од тоа колку млади луѓе ќе се определат стручно да се образоваат и обучуваат за да бидат експерти во областа поледелство зависи и колку Македонија ќе може да се справува со потребите за храна, како и колку ќе успееме да ги искористиме потенцијалите што ги има нашата држава.
- Македонија има површини за земјоделство, има компании кои ангажираат инженери агрономи, но ни требаат повеќе луѓе во оваа струка, и поради потребата од храна и поради потенцијалите што ги има државата. Сепак, мора да истакнеме и еден друг сегмент. Се јавуваат случаи кога големи обработливи површини (800 до 1000 хектари) ги стопанисува еден поледелски инженер. Тоа се големи парцели. Ако сакаме да имаме квалитетно производство, можеби е реално здружување на 3-4 поледелци да менаџираат една таква површина - појаснува д-р Димов. Од друга страна, приватниот сектор работи по други закони и не може со директива да му наложите некому колку земјоделски инженери треба да вработи. Да се надеваме дека и тоа ќе се измени.
Според него, има уште еден сегмент кој е стратешки важен, а тоа е поставеноста на високото образование.
- За држава со околу 400.000 хектари обработлива површина, имаме 4 државни земјоделски факултети, со голем број студиски програми. Никој не направи анализа дали сето ова во ваков обем ни е потребно? Па затоа сега го плаќаме данокот и на ова поле - завршува професорот.