X
 06.09.2022 Живот

Коперникус: Имаме најголеми емисии на јаглерод од пожари на отворено во последните 15 години

Коперникус, Службата за мониторинг на атмосферата на Европската комисија (CAMS), денеска соопшти дека шумските пожари низ Европа, поттикнати од комбинацијата на топлотниот бран во август и продолжените сушни услови, предизвикале највисоки емисии на јаглерод во последните 15 години.

Вкупните емисии од пожарите во Европската Унија и Велика Британија од 1 јуни до 31 август 2022 година се проценуваат на 6,4 мегатони јаглерод, што е највисоко ниво за овие месеци од летото 2007 година.

CAMS известува дека емисиите регистрирани за летото 2022 година во голема мера биле предизвикани од разорните пожари на отворено низ Југозападна Франција и Пиринејскиот Полуостров, при што Франција и Шпанија имаат највисоки емисии од пожари на отворен простор во последните 20 години.

Во другите региони на северната хемисфера, кои вообичаено доживуваат врв на пожарите во текот на летните месеци, вкупните проценети емисии беа значително помали отколку во последниве години, и покрај некои разорни пожари. Исклучок е Централниот федерален округ на Русија, каде што вкупните проценети емисии од пожари беа највисоки од големите пожари на тресет што ја погодија Западна Русија во 2010 година.

Исто така, пожарите во Амазон Легал во Бразил во втората половина на август резултираа со една од највисоките вкупни проценети емисии за периодот од 2010 година, при што државата Амазон ја доживеа втората најголема емисија во последните 20 години. Првите неколку дена од септември се забележува јасен пораст на пожарите во регионот на Амазон, со дневни вредности далеку над просекот, се вели во извештајот.

Размерот и постојаноста на пожарите во Југозападна Европа беа крајно загрижувачки во текот на целото лето.

Повеќето од пожарите се случија на места каде што променливата клима ја зголеми запаливоста на вегетацијата, рече експертот за пожари на отворен простор од Коперникус, Марк Парингтон, додавајќи дека CAMS внимателно ги следи тековните емисии од пожари и преносот на чад во регионот на Амазон и низ Јужна Америка.

Коперникус е составен дел од вселенската програма на Европската Унија. Таа е водечка програма на ЕУ за набљудување на Земјата.

Извор: МИА
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот