X
 30.01.2026 Живот

„Откривме македонска вакцина против сите видови пожари“, велат од „Металотехника“ за нанохидрогелот кој е поефикасен од водата при гаснење пожари

Со овој иновативен гел, кој е изработен исклучиво од природни материјали и еколошки се однесува кон природата, компанијата доби трета награда на натпреварот за иновативни идеи „Deep Tech EnterPRIZE“ доделени на патрониот празник на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола.

Кога и да настане пожар, првото нешто што на човек ќе му падне на ум за гаснење е водата. Но, ретко кој знае дека водата, иако широко користена, не е оптимално решение за гасење поголеми и поопасни пожари. Истражувачкиот и иновативен тим на прилепската компанија „Металотехника“ дојде до идеја да ги надмине ограничувањата на водата во битката со огнот. Тие го открија OGNOSTOP – нанохидрогел за еколошки ефикасно гаснење пожари, еколошки одговорен, економски исплатлив, изграден од природни материјали и биоразградлив.

Концептот го разви тимот составен од Јандре Здравески, Кристијан Здравески и Константин Здравески со стручна поддршка од домашни и меѓународни експерти.

- Решивме да ја искористиме нашата енергија и креативност за да понудиме решение за еден од најактуелните глобални предизвици денес – климатските промени и нивните последици, како што се урбани, шумски и пожарите предизвикани од литиумските батерии кои се широко распространети во современите технологии. Постојните методи за гасење, особено оние што користат вода, прашок и пена, се неефикасни во многу ситуации и можат да бидат дури и контрапродуктивни - велат од истражувачкиот тим.

Најголем поттик за развојот на оваа иновација била зголемената потреба за еколошки одговорни и ефективни методи за гасење, кои би ги замениле сегашните конвенционални средства кои се често се штетни за животната средина.



-Првпат во светот ја ставивме нанонауката во функција за подобрување на пожарните својства на водата. Идејата беше да се надминат ограничувањата на водата како средство за гасење пожари бидејќи нејзините својства не се доволно ефикасни, особено при големи пожари. Водата многу брзо испарува при високи температури, така што до 60 % може да испари во првите 3 секунди, 80 % до 5 секунди и целосно испарува за само 10 секунди. Ова значи дека водата не е оптимално решение за гасење поголеми и поопасни пожари, а и транспортот на водата до опожарената површина е скап и често неефикасен - вели Здравески.

Нанохидрогелот е направен од 95 % вода и 5 % наночестички, создадени од колоидна наносилика и наноцелулоза. Во споредба со традиционалната вода, ја зголемува ефикасноста до 15 пати, останува активен многу подолго на засегнатите површини и не испарува, што му овозможува да ја задржи својата ефективност и до два дена. Дополнително, при високи температури нанохидрогелот се трансформира во аерогел, кој има дополнителни заштитни својства.

Покрај тоа, неговата комплетно биоразградлива природа (од 60 до 70 дена) значи дека нема да предизвика никакви негативни ефекти врз животната средина, растенијата или животните, што го прави идеално решение за одржливо гасење пожари во различни услови.

- Основната карактеристика на нашиот нанохидрогел е што при високи температури преминува во аерогел, што дополнително ја зголемува неговата ефикасност создавајќи бариера која го забавува ширењето на пожарот. OGNOSTOP се произведува исклучиво од 100 % биоразградливи, природни и домашни материјали (вода, камен, дрво и трева), што го прави еколошки пријателски и безбеден за животната средина. Иако не може да направи чуда и да ги спречи сите пожари, неговата главна улога е да го одложи напредувањето на пожарот и да дејствува превентивно, како „македонска вакцина против сите видови пожари“ - велат од тимот на „Металотехника“.



Нанохидрогелот OGNOSTOP има широк спектар на примена за отворени и затворени простори и мобилни средства за транспорт. Се користи за гасење шумски, урбани и литиумски пожари кои се познати по својата комплексност и тешкотија при гасењето со традиционални методи, бидејќи литиумските батерии не можат да се гасат со обична вода. Нанохидрогелот може да се нанесува со трактори и пумпи, кои овозможуваат брзо и широко распространување, и со беспилотни летала (дронови), кои се идеални за тешко достапни области или за брзо интервентирање во случај на големи пожари на отворено.

За иновативниот концепт, на натпреварот Deep Tech EnterPRIZE, организиран во рамките на проектот NanoBioTech, беа третопласирани и добија парична награда од 5.000 евра.

„Металотехника“ е една од најстарите приватни компании во Македонија, основана уште во 1987 година, и повеќе од 38 години успешно работи во областа на градежништвото и науката од нанопроизводи. Таа воведе најсовремена технологија за материјали за термичка изолација, произведени со користење нанотехнологија на водена основа, вклучувајќи премази за сите видови површини - метал, бетон, дрво и керамика. Уште од 2015 година, со поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој и Светската банка, „Металотехника“ го воведе својот прв иновативен производ на македонскиот пазар и пошироко, термо течна изолација „термостоп“. Сега поттикнати од глобалните климатски промени и зголемените ризици од пожари, го развиваат и иновативниот производ „огностоп“, кој ќе обезбеди дополнителна заштита за домови, индустриски капацитети и животната средина.
 
Фото: приватна архива

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот