X
 06.12.2018 Здравје

Луѓето што спијат премногу долго имаат поголем ризик за срцеви заболувања

Спиењето подолго време е поврзано со проблеми со срцето и предвремена смрт, откриваат новите истражувања.

Најновото истражување, кое ги испитувало податоците од 116.000 луѓе на возраст помеѓу 35 и 70 години од 21 различна земја, открива дека луѓето што спијат подолго од осум часа имаат поголем ризик да умрат или да развијат болести на срцето или крвните садови во мозокот.

По просечен период на следење од речиси осум години, истражувачите забележале 4.381 смртен случај и 4.365 поголеми кардиоваскуларни настани.

- Спиењето е од суштинско значење за здравјето на човекот, а луѓето трошат околу една третина од нивните часови во спиење - вели тимот на меѓународни истражувачи.

- Се смета за важно однесување во животниот стил што може да влијае врз кардиоваскуларните болести и смртта - додаваат тие.

Во споредба со оние што спиеле шест до осум часа, оние луѓе што спиеле осум до девет часа имале 5 отсто зголемен ризик. Оние што спиеле помеѓу девет и десет часа имале зголемен ризик од 17 отсто, а оние што спиеле повеќе од 10 часа имале 41 отсто зголемен ризик од кардиоваскуларни заболувања или смрт.

Исто така, истражувачите утврдиле зголемен ризик од 9 отсто за луѓето што спиеле шест или помалку часа.

- Нашето истражување покажува дека оптималното времетраење на сон е од шест до осум часа дневно за возрасни - вели водечкиот автор Чуангши Ванг од Кинеската академија на медицинските науки.

- Од друга страна, ако редовно спиете премногу, на пример, повеќе од девет часа, тогаш ќе треба да посетите лекар за да го проверите вашето целокупно здравје - вели професорот Салим Јусуф од Универзитетот „Мекмастер“, Онтарио, Канада, кој е коавтор на истражувањето.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје