X
 27.06.2020 Живот

Узбекистан им нуди 3.000 долари отштета на странците што ќе заболат од Ковид-19

Властите во Узбекистан се уверени дека странските туристи нема да се заразат со коронавирусот во текот на нивната посета на земјата.

Земјата, во која живеат над 33 милиони луѓе, досега регистрирала само 19 смртни случаи поврзани со коронавирусот. Државата најави кампања за гарантирано безбедно патување во чии рамки странските туристи ќе добијат 3.000 долари отштета доколку се заразат со коронавирусот додека патуваат во Узбекистан. Претседателот на Узбекистан, Шавкат Мирзиев, ја потпишал уредбата за кампањата оваа недела.


Фото: Узбекистан/Pixabay

Сумата 3.000 долари би требало да ги покрие трошоците за лекување од коронавирусот во земјата. Според Софи Иботсон, амбасадорка за туризам на Узбекистан во Велика Британија, владата на Узбекистан е толку сигурна дека новите мерки за безбедност и хигиена што се имплементираат во туристичката индустрија ќе ги заштитат туристите од Ковид-19, што e подготвенa да плати доколку тоа не е точно.

Сепак, постојат некои услови. За да се добијат тие 3.000 долари отштета, туристите мора да ја истражуваат земјата со локален водич. Освен тоа, тие треба да престојуваат во места и да посетуваат локации кои имаат сертификати за безбедност од владата.

Засега границите на Узбекистан се отворени за земји со мал ризик, како Кина, Израел, Јапонија и Јужна Кореја. Патниците од Европа треба да поминат 14 дена во карантин по пристигнувањето.


Фото: Узбекистан/Pixabay

Сето ова е обид да се зголеми туризмот во земјата. Минатата година Узбекистан беше прогласен за четврти најбрзорастечки туристички пазар од страна на Светската организација за туризам на Обединетите нации.

Ова не е прв обид на земја да претстави мерки за поттикнување на туризмот во време на пандемијата. Сицилија објави дека ќе плаќа за половина од патувањето и една третина од сместувањето на туристите, а Канкун планира да плаќа половина од хотелските трошоци на туристите.

Во меѓувреме, во Камбоџа од туристите се бара да остават депозит од 3.000 долари кои би ги покриле трошоците за лекување во случај на заразување со коронавирусот.

Автор: Моника Хамфрис
Извор: insider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот