X
 07.05.2018 Наша тема

На ПИСА-тестовите сме под или на најслабото ниво

Дури 62,9 % од учениците од нашата држава во науки се под или на ниво 1, а во математика и во читање тој процент е и повисок (околу 70 %). Додека, пак, ОЕЦД-просекот во сите три подрачја е многу помал, односно е околу 20 %. Нивоата 5 и 6 од нашата држава во подрачјето наука и во подрачјето читање ги достигнале само по 0,2 % од учениците, а во подрачјето математика 0,9 % - вели Бети Ламева, национален координатор за ПИСА 2018


Македонските ученици постигнуваат многу слаби резултати на меѓународното тестирање ПИСА бидејќи ова се тип на задачи и текстови поврзани со прашања кои во нашата држава најчесто не се практикуваат во процесот на поучување. Нашите ученици исто така најчесто учат за оценка, а не се оспособуваат за примена на стекнатото знаење. Проблем е и тоа што тестовите се големи и обемни. Кај учениците постои и незаинтересираност за решавање на тестот зашто не влијае врз оценките во дневник.
Ова, според Бети Ламева, национален координатор за ПИСА 2018, се главните причини за лошите резултати на нашите ученици на тестирањето во 2000 и во 2015 година.
Најголем процент од учениците од нашата држава се под или на ниво 1 (најслабото).



70 проценти од учениците по математика и читање имаат 1

Инаку, над 5.000 македонски ученици на петнаесетгодишна возраст, родени во 2002 година, периодов го полагаа ПИСА-тестот, кој треба да покаже дали сме напреднале од последното тестирање во 2015 година, кога бевме меѓу последните четири земји со најслаби резултати.
Последното тестирање од 2015 година покажа дека нашите ученици, според постигнувањата по нивоа и подрачја, се под или на ниво 1 - најслабото. Ламева објаснува дека постигнувањата на учениците во ПИСА 2015 тестирањето се мерат според поставените 6 нивоа на владеење на материјата (каде што ниво 1 е најниско ниво, а ниво 6 највисоко), како и во досегашните ПИСА-тестирања.




- Најголем процент од учениците од нашата држава се под или на ниво 1. Дури 62,9 % од учениците од нашата држава во науки се под или на ниво 1, а во математика и во читање тој процент е и повисок (околу 70 %). Додека, пак, ОЕЦД-просекот во сите три подрачја е многу помал, односно е околу 20 %. Нивоата 5 и 6 од нашата држава во подрачјето наука и во подрачјето читање ги достигнале само по 0,2 % од учениците, а во подрачјето математика 0,9 %. ОЕЦД-просекот е многу повисок, односно за наука е 7,7 %, за читање 8,3 %, а за математика 10,7 % - објаснува Ламева.

Подобри резултати имаат гимназијалците

Во табелата за постигнувања во гимназиско и во стручно образование нашите ученици во средно стручно образование имаат за 44 поени пониски резултати за разлика од гимназиското.
- Оваа разлика во Словенија изнесува 87 поени, во Хрватска 95, а во Црна Гора 63 поени. Во речиси сите европски држави е овој тренд, освен во Полска каде што за 53 поени учениците од средните стручни училишта постигнале подобри резултати, и во Латвија за 8 поени – објаснува Ламева.



Големи разлики кај постигнувањата на нашите ученици има и во однос на тоа дали доаѓаат од училиште кое се наоѓа во град или во село. Постигнувањата на учениците од Македонија кои учат во училишта лоцирани во урбана средина се за 12 поени повисоки во споредба со оние што учат во училишта лоцирани во рурална средина. Ова е и светски тренд. На пример, во Словенија оваа разлика е 5 поени, во Хрватска 10, во Црна Гора 8 поени, а во Косово 24 поени.

Учениците што оделе во градинка имале повеќе поени

Нашите ученици што оделе во градинка пред тргнувањето на училиште исто така имаат подобри резултати за разлика од оние што не посетувале претшколско образование.
- Светски тренд е учениците што посетувале предучилишна установа да постигнуваат подобри резултати на тестирањата. Тоа се покажа и на ПИСА. Во Македонија во сите три подрачја учениците што не посетувале предучилишна установа постигнале најниски резултати. Учениците што посетувале предучилишна установа повеќе од една година имаа повисоки резултати за околу 50 поени на ПИСА-тестирањето – вели Ламева.
ПИСА 2015 година покажа и дека учениците што дома зборуваат на македонски јазик имале постигнато најдобри резултати по тестирањето по математика. Потоа следуваат оние што зборуваат на српски јазик, на други јазици, па на турски јазик. Најслаби резултати по математика имаат постигнато учениците што дома зборуваат на албански јазик.

Резултатите од ПИСА се користат за да се овозможи споредување на знаењето и вештините на учениците и средината за учење помеѓу различни земји, да се прикаже колку добро учениците во државата се подготвени за живот откако ќе го напуштат училиштето, да се идентификуваат областите кои, со тек на време, треба да се унапредат од страна на училиштата, образовниот систем и владата.
Исто така, тие служат и за поставување цели кои се мерливи и постигнати од други образовни системи, но и да се учи од политиките и практиките применети во други држави.
На ПИСА 2000, од 41 земја-учеснички во студијата, во читање со разбирање и во математичка писменост бевме на 38. место, а во писменост во природните науки на 36. место На ПИСА 2015 од 72 држави-учеснички во студијата во читање со разбирање и во писменост во природните науки бевме на 69. место, а во математичка писменост на 68. место.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk
Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема