X
 07.05.2024 Здравје

Како по природен пат да го зголемите нивото на хормонот на среќата?

Серотонинот е хормон поврзан со регулирање на нашето расположение и игра клучна улога во одржувањето на нашето целокупно ментално здравје. Ниските нивоа на серотонин се поврзани со различни ментални здравствени состојби. Додека некои луѓе се свртуваат кон лекови, постојат различни природни начини за зголемување на нивото на серотонин во телото.

Што е серотонин?

Серотонин е невротрансмитер кој се наоѓа во мозокот. Познат е по својата улога во регулирањето на расположението, спиењето, апетитот и различните физиолошки функции. Често се нарекува невротрансмитер за добро чувство, поради неговиот ефект врз промовирање на чувствата на благосостојба и среќа, вели д-р Дипак Патаде.

Во телото, серотонинот има клучни функции за регулирање на расположението, апетитот, варењето, спиењето, меморијата и сексуалната желба. Ја олеснува комуникацијата помеѓу нервните клетки и влијае врз функционирањето на мускулите, крвните садови и органите. Ниските нивоа на серотонин се поврзани со нарушувања на расположението како што се депресија, анксиозност и несоница, како и синдром на нервозно дебело црево и мигрена.

Проблеми поврзани со ниско ниво на серотонин

Симптомите при ниско ниво на серотонин може да се манифестираат како:

-лошо расположение
-раздразливост
-анксиозност
-замор
-слаб апетит
-тешкотии во спиењето.

Како природно, без лекови, да го зголемите нивото на серотонинот?


Некои луѓе земаат лекови за зголемување на нивото на серотонин во телото. Сепак, постојат многу природни начини за зголемување на производството на серотонин во телото.

Изложеност на сончева светлина

Сончевата светлина директно влијае врз расположението и нивото на серотонин во телото. Така, нивото на серотонин обично се намалува во текот на зимата, а се зголемува во текот на летната сезона.

- Изложеноста на сончева светлина го стимулира производството на серотонин во мозокот. Треба да бидеме изложени на сонце 15-30 минути дневно, особено наутро - предлага д-р Патаде.

Поминувањето време во природа го зголемува и нивото на серотонин во телото. Студија, која анализирала 53 лица, ги разгледала ефектите од шумската терапија врз средовечните жени. Резултатите покажале дека жените што поминувале повеќе време во природа имале значително зголемување на нивото на серотонин во телото.

Редовно вежбање


Физичкото вежбање го зголемува нивото на серотонин со тоа што предизвикува ослободување на триптофан во крвта. Поголемо производство на триптофан значи помалку аминокиселини. Ова создава идеална средина за повеќе триптофан да стигне до одредени делови од мозокот. Аеробните вежби како пливање, возење велосипед, брзо одење и џогирање можат да ги зголемат отчукувањата на срцето, а со тоа да го зголемат и нивото на серотонин во телото. Вежбањето со умерен интензитет најмалку 30 минути во повеќето денови во неделата треба да стане навика.

Здрава исхрана


Серотонин тешко може да се добие директно од храната, но триптофан, аминокиселина која се претвора во серотонин во мозокот, може да се добие од различни намирници. Храната богата со триптофан, претходник на серотонин, може да го подигне нивото на серотонинот. Во нашата исхрана треба да вклучиме мисиркино месо, пилешко месо, јајца, јаткасти плодови, семки, тофу, лосос и млечни производи.

Управување со стресот

Според едно истражување, хроничниот стрес може да го намали нивото на серотонин.

- Медитација, вежби за длабоко дишење, јога и поминување време во природа можат да го ублажат стресот и да го зголемат производството на серотонин - вели д-р Патаде.

Квалитетен сон

Квалитетниот сон е императив за одржување на оптималните нивоа на серотонинот. Нашата цел треба да биде 7-9 часа квалитетен сон секоја вечер, а тоа можеме да го постигнеме најлесно со воспоставување редовен распоред за спиење, спроведување релаксирачка рутина пред спиење и оптимизирање на околината за спиење.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје