Историјата на спортот е стара колку и ние. На човекот отсекогаш му било интересно да гледа како поединци се натпреваруваат кој може побрзо да претрча полигон, кој може да ја шутне топката подалеку или кој може да скокне најдалеку.
Изгледа дека на некои луѓе традиционалните спортови со текот на времето им здосадиле, па си создале нови, малку бизарни спортови. Ова се некои од нив:
Носење сопруги
За да учествувате во овој бизарен спорт, не е неопходно да имате сопруга, правилата дозволуваат и да ја позајмите жената на комшијата или на пријателот. Единственото нешто што е важно е дамата што ќе ја носите да биде потешка од 49 килограми. Во случај да е полесна од најмалата пропишана тежина, таа ќе биде принудена да носи дополнителни тегови и на тој начин да ги исполни условите.
А натпреварувањето е многу едноставно: мажот мора својата поубава половина да ја пренесе низ терен долг 253 метри на кој има различни препреки. Теренот е делумно сув и делумно каллив. Парот кој прв ќе го премине теренот е победник. Овој спорт потекнува од Финска, а првпат натпревар од ваков вид се одржал во 1995 година. Моменталниот светски рекорд е 55,5 секунди.
Екстремно пеглање алишта
На пеглањето често се гледа како на досадна обврска која мора да биде извршена, инаку нема да имаме што да носиме. Исто така, тоа е светски познат спорт уште од 2002 година.
Колку и да звучи чудно, екстремното пеглање е можеби најопасниот спорт на оваа листа. Натпреварувачите сами смислуваат креативни и опасни локации на кои ќе пеглаат алишта.
Жирито не го оценува само тоа колку е екстремна локацијата за пеглање, туку и ќе оцени како сте ги испеглале алиштата. Значи, додека скијате на вода и пеглате кошула или додека јавате коњ и пеглате блуза, внимавајте убаво да ги испеглате сите рабови.
Двобој со картонски мечеви
Лигата на картонските војници е здружение на ентузијасти за двобој и тоа на креативен начин без поголеми последици. Ако се најдете во Белгија, Велика Британија, Австралија или САД, може и вие да бидете дел од оние што се занимаваат со овој спорт.
Единственото правило е да го сочувате мечот. Ќе добиете картонски меч со кој ќе можете да се служите додека не го скршите во борба. Победник е оној натпреварувач што последен останува на нозе со неоштетено „оружје“.
Борба со нозе
Слично како и туркањето со раце, така и овој спорт има иста цел - кој прв ќе ја собори ногата на противникот е победник. Спортот настанал во паб во Дарбишшир, Велика Британија, во 1976 година и сѐ уште секоја година се одржува турнир во тој град. Направени се неколку петиции за овој спорт да биде додаден како категорија во Олимписките игри, но засега секој предлог е одбиен.
Тркалање со сирење
Дали постои подобар спорт од оној што го слави почетокот на новото годишно време? Жителите на британскиот град Глостершир уште од 1826 година на многу невообичаен начин го слават првиот ден од пролетта. Имено, сите жители се собираат на врв на рид од каде што се тркала сирење тешко до 6 килограми. Но, тоа не е сѐ.
Откако сирењето ќе почне да се тркала, неколку секунди подоцна група луѓе почнуваат да се спуштаат по истиот рид и како што велат правилата, кој прв ќе се дотркала до дното на ридот, може да си го однесе сирењето дома. Иако не звучи опасно, забележано е дека секоја година се повредуваат по неколку десетици учесници на различна
возраст.
Фото: Screenshot/YouTube