По повод 8 Декември, патрониот празник на УКЛО, се одржа свечeната седница на Сенатот и Управата, по електронски пат.
На пригодниот настан се обрати министерката за образование и наука Мила Царовска, која нагласи дека УКЛО се вклучува кон споменот на далеку познатата книжевна школа и дека квалитетот на академска успешна соработка освен во делот на студентската размена се надополнува со критериумите насочени кон знаење, компетитивност и професионални стандарди.
Во одбележувањето проследено е видеообраќањето на проф. д-р Анастас Герджиков, ректор на Софискиот универзитет, како дел од заедничкото чествување за просветителот, со што симболично е нагласена академската поврзаност. Претходно ректорот Коруновски, на 25 ноември, кога чествуваше Софискиот универзитет, имаше видеообраќање и упати порака за поттик и интензивирање на меѓусебната соработка.
Во поздравната реч по повод патронот, ректорот истакна: - Денес е нашиот DIES UNIVERSITATIS. И ние сите, убеден сум, ја споделуваме гордоста носејќи го името на патронот, свети Климент Охридски, а со овој и другите настани што ги организираме се придружуваме кон многубројните институции и установи што во државата, а и пошироко го празнуваат споменот на творецот на далеку познатата Охридска книжевна школа.
Патронот, средновековниот писател и педагог свети Климент, со своите активности на повеќе полиња – просветно, книжевно, црковно, на посебен начин го задолжил словенскиот народ. Цивилизациските вредности не се губат, тој бил величан како исцелител, градител, земјоделец, педагог, преведувач. За него низ преданијата многу се пишувало и сè уште се пишува, многу се кажувало и сѐ уште се кажува.
А нам, почитувани, патронот секогаш ќе ни биде особено близок со својата исклучителна учителско-просветителска мисија, како автор на многу поучни житија, похвални слова и други дела, и тоа е таа далечна нишка со која се поврзуваме низ еоните на историјата до нашата секојдневна мисија на образование, учење на младите, како есенција во дејствувањето на секој универзитет.
Денес, повеќе од еден милениум подоцна, во регионот на лулката на Првиот словенски универзитет, живеејќи во едно друго време, време на брз развиток на технологии и неограничен проток на информации, кога потребата за образование, усовршување и напредок станува повеќе од императив во живеењето на секој поединец, нашиот универзитет, своето функционирање го заснова врз креирање такво опкружување во кое образованието на секој млад човек, на секоја индивидуа, претставува наша долгорочна мисија, но и наша секојдневна задача. Нашите 12 членки претставуваат интелектуална база за развој и воспоставување партнерски односи со значајни стопански субјекти и локални самоуправи во регионот на сопственото дејствување. Секако, тука е уште една мошне значајна компонента, а тоа е меѓународната соработка - со одржување на постојната и градење нови мостови на соработка со универзитетите се јакне мрежата чија примарна цел е да се овозможи мобилност на студентите и кадрите, но и трансфер на знаења, вештини и современи технологии.
Денешното мое обраќање, почитувани, е уште една можност да се потсетиме дека сите заедно треба да тежнееме кон подобри резултати, во истражувањето, науката, сите заедно треба да бидеме свесни за постулатот дека сето она што го знаеме вреди само под услов да сме подготвени и отворени да го споделуваме, менуваме, да ги надградуваме стекнатите знаења, затоа што ниту едно објективно знаење не може да биде апсолутно, и во личноста на секој професор, соработник и студент, секогаш треба да опстојува желбата за освојување нови знаења, затоа што историски е докажано дека човекот никогаш не би го постигнал можното ако не тежнее кон она што навидум е неможно.
Ова кредо, што се надевам нè обединува, повеќе од кога било ја наоѓа својата потврда во текот на оваа по многу нешта посебна академска година на нашата институција, како што впрочем тоа е насекаде низ светот. И, секако, сред една криза што во невидени размери го погоди човештвото.
Кинеската мисла концептот криза го означува со еден двоен идеограм составен од два елементи. Првиот симболизира ризик, опасност, а другиот симболизира трансформација, преобразба или точка на прекин, што некои го толкуваат како можност. Да, токму така, промената може да биде позитивна под услов добро да ја владееме, да научиме лекција од она што ни се случува. Како универзитет, како експониран дел од општеството, да ја трансформираме кризата во уште една можност за развивање на нашите капацитети за креативност, иновативност и да се навратиме на фундаментите на нашата универзитетска мисија: да создаваме, пренесуваме знаење, да пренесуваме и мобилизираме вештини, да излеземе од познатите патеки, и да предлагаме решенија во служба на општеството и на пошироката заедница. Тоа бара и продолжува да бара многу енергија, огромна енергија, тоа ги истакнува и нашите слабости, нашата ранливост и кршливост, индивидуална и институционална.
Но она што можеби е најзначајна лекција од оваа криза е апсолутната потреба за солидарност и колективен, заеднички пристап. Секогаш кога сме се покажале солидарни како поединци, како установи, институции, секогаш сме постигнале брз напредок. И тоа е она што треба и понатаму да се негува.
Да се знаат силните страни, но особено да се знаат слабостите, тоа овозможува да се оди напред. И тука е предизвикот, тука е можноста, да се вратиме на она што е есенцијално во нашите мисија, да се осмелиме да излеземе од рамките, да продолжиме да работиме, да дејствуваме, да соработуваме, да бидеме солидарни.
Само така и само тогаш оваа криза ќе претставува вистинска можност за нашиот универзитет и за нас како негов дел, да пораснеме, да се развиваме, да се менуваме и обновуваме, за да станеме подобри, поуспешни, индивидуално и колективно.
Но, да не заборавиме дека во суштината на секоја успешност значајно место му припаѓа и на феноменот на припадност. Да се припаѓа на еден универзитет, на еден специфичен академски систем на вредности, тоа значи да се споделуваат сите аспекти на значењето, рејтингот, позиционираноста, влијанието и угледот.
Таа филозофија е вткаена во мисијата на секој успешен универзитет, што сесрдно се труди на своите студенти пред сè да им го развие тоа чувство, што се темели на реалните достигнувања и угледот на сопствениот универзитет.
Во рамките на настанот промовирани се и најдобро дипломираните студенти на УКЛО, а свое обраќање ќе има и најдобро дипломираната студентка Ивана Кривчевска од Факултетот за информатички и комуникациски технологии – Битола:
- Почитувана министерке, почитувани ректори, почитувани проректори, почитуван претседател на Сенатот на УКЛО, почитуван генерален секретар, почитуван студентски правобранител на УКЛО, почитувана претседателке на Универзитетското студентско собрание на УКЛО, почитувани декани, професори и сите останати кои ја следите оваа онлајн-манифестација - грамадна е честа и привилегијата да се биде дел од оваа, свечена седница.
Ми претставува задоволство да се обратам денес, во името на најдобро дипломираните студенти во академската 2019/2020 година и да им се заблагодарам на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола и на сите негови единици за почитувањето и вреднувањето на трудот на студентите кои неуморно се залагаа и целосно вложуваа во последните неколку години за да станат она што денес им се признава – најдобри. Да бидам искрена, патот до ова признание не беше ниту краток ниту лесен, меѓутоа, секоја препрека и тешкотија нè учеше да бидеме посилни, да се справуваме со покомплексни ситуации и, недвојбено, придонесе да бидеме тоа што сме денес.
Им благодарам на сите што учествуваа во организирањето на наставно-образовната дејност и целокупното академско функционирање. Им благодарам на сите професори што се втемелувачи на нашето знаење, мотиватори и поддржувачи на нас, студентите, за нивното залагање, менторство и целото споделено знаење. Им благодарам на семејствата на најдобро дипломираните за пружената можност и безусловната поддршка, како и за мотивацијата што ни ја даваа во текот на нашето развивање како академски граѓани. Им благодарам и на сите други “backend” херои, без кои oва денес немаше да биде возможно. Нашиот Универзитет подготви само уште една, од многуте досегашни и идни генерации на академски граѓани, спремни да го понудат својот професионален потенцијал, удел и пристап во светот при поделбата на интелектуалните знаења и вештини и со тоа да придонесат за негов развој и напредок. За крај, ветуваме - бидејќи искрено веруваме, дека денешното јавно вреднување на нашите постигнувања ќе биде мотивација плус и нов поттик да продолжиме со уште поголеми напори и успеси, бидејќи достигнувањата никогаш не можат да бидат толку големи за да не можат да се надминат со уште поголеми достигнувања.
Инаку, УКЛО организира и низа други активности со кои го одбележува патрониот ден. Од 3 до 5 декември се одржа заедничка научна интердисциплинарна конференција со Софискиот универзитет на тема „Димензиите на компетенциите“, што ќе резултира со издавање заеднички зборник на трудови. Промовирано е електронско издание на книгата „Koвид-19 и безбедноста, регионални предизвици и нови државни актери“ од професорите Марјан Ѓуровски од Факултетот за безбедност - Скопје, Татјана Дронзина од Софискиот универзитет и Драган Ѓукановиќ од Белградскиот универзитет. Новиот француски амбасадор Бомгартнер реализира посета на УКЛО и одржа средба со ректорот на која се потврдени исклучително добрите релации помеѓу Универзитетот и француската амбасада.
В среда, на 9 декември, УКЛО и Националната агенција за европски образовни програми организираат Еразмус + Форум.
Во чест на св. Климент, делегација од раководството на УКЛО положи цвеќе пред споменикот, во дворот на Ректоратот.
(Комерцијална објава)