X
 08.02.2022 Живот

Во земјата позната по среќата сите го почитуваат правилото за трезен вторник

Кралството Бутан, со население од речиси 800.000 жители, главно будисти, на многу начини е уникатно место.

Во Бутан на секој чекор може да наидете на интересни работи што предизвикуваат восхит, ги збунуваат или воодушевуваат жителите од другите делови на светот. Еден од нив е фактот дека во Бутан нема убивање на животни во доминантно вегетаријанските и веганските заедници. Месото пристигнува во месарниците од Индија, каде што се извршува „крвавата работа“. Покрај политиката на неубивање, забрането е и сечење дрвја без посебна дозвола, а ловокрадците можат да завршат в затвор. Во забранетата категорија спаѓа и риболовот во реките и езерата „без документи“.

Посетителите на Бутан може да бидат изненадени од правилото на трезен вторник, денот во неделата кога не е дозволено да се пие алкохол - дури ни баровите не смеат да послужуваат алкохол. Повеќето луѓе се придржуваат кон ова правило, но доколку сте многу „жедни“, ќе најдете места каде што се точи алкохол на црно. Во такви кафулиња алкохолот се служи во шолји за чај.

butan
Фото: Pixabay

Ако планирате да запалите цигара со пијалак, размислете двапати. Во Бутан пушењето се смета за грев. Од 2010 година производството и продажбата на тутунски производи се забранети, па пушачите најчесто ги шверцуваат цигарите од Индија.
 
Иако можеби мислите дека жителите на една од најсреќните земји во светот се трезни, тоа не е сосема точно. Бутан има највисока стапка на потрошувачка на алкохол по глава на жител во Јужна Азија. Во земјата има повеќе од пет илјади барови, а околу 700 од нив се наоѓаат во главниот град Тимфу. Од вино до виски, производството на алкохолни пијалоци во Бутан е солидно развиено.

Покрај тоа, Бутан е едно од ретките места на земјата каде што сè уште функционира полиандријата, дозволувајќи им на жените да имаат повеќе сопрузи. Иако оваа практика повеќе не е толку распространета како во минатото, таа сè уште опстојува во оддалечените делови на земјата.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот