X
 08.04.2021 Здравје

Вакцината на „Астра зенека“ нема да им се дава на помлади од 60 години во Македонија

Министерот за здравство Венко Филипче информира дека утрово во редовната координација со членовите на работната група за имунизација и со директорите на клиниките се разгледувал и ставот на бордот на Европската агенција за лекови во врска со безбедноста на вакцината на „Астра зенека“. Согласно препораките на Европската агенција за лекови - секоја држава да заземе сопствен став за употреба на вакцината, одлучено е дека вакцината на „Астра зенека“ кај нас ќе се аплицира исклучиво на лица постари од 60 години.

- Утрово разговаравме и го разгледувавме ставот на бордот на Европската агенција за лекови во врска со безбедноста на вакцината на „Астра зенека“ по евалуацијата на сите тие несакани ефекти во форма на тромботични состојби, особено кај млади луѓе, бордот излезе со две препораки, првата е дека тие несакани тромботични ефекти треба да влезат во упатството на самата вакцина и второ дека секоја држава треба за заземе став во однос на тоа како ќе се користи вакцината и согласно тоа, по утринските консултации, донесовме став вакцината на „Астра зенека“ да не се дава на лица помлади од 60 години во нашата земја - кажа Филипче.

Сите граѓани што ја примија вакцината на „Астра зенека“ во Србија, доколку почувствуваат некакви симптоми, најдобро е да се јават на контрола и преглед кај лекар, а за ревакцинацијата на овие лица дополнително ќе се одлучува врз основа на насоките од националните светски агенции.

- За тие што веќе добија една доза вакцина на „Астра зенека“, тоа се луѓето што се вакцинираа со оваа вакцина во Србија, нема никакви препораки за каква било претпазливост освен ако имаат некакви симптоми, да се јават на контрола и преглед кај лекар, а во однос на ревакцината, со оглед на тоа што треба да дојде за период од некои 3 месеци, засега нема некој став, ќе ги следиме и насоките и од ЕМА и од други национални агенции и во текот на следниот период ќе заземеме став и во однос на ова прашање - кажа министерот Филипче.

Фото: Борче Поповски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје