X
 08.04.2022 Наша тема

Образованието е првата и најважна алатка во животот на жената, порачува медицинската сестра Јоксела Шабанова

Бројот на невработени Ромки со средно образование е зголемен за 96 %, а бројот на невработени со високо образование е зголемен за 40 %, покажуваат анализите направени минатата година

Триесет и четиригодишната Јоксела Шабанова од Скопје веќе четврта година работи како медицинска сестра во Специјалната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ во скопската населба Ѓорче Петров. Таа е една од малкуте Ромки во земјата што го работат она што го учеле и вели дека веќе четири години го живее својот сон.
- Работата многу ме исполнува бидејќи од малечка сакав да бидам медицинска сестра. Ме исполнува тоа што им помагам на луѓето кога имаат потреба од помош, кога се болни и немоќни и кога реално им треба помош од доктор и сестра - вели Јоксела Шабанова, која е и член на Групата за застапување Ромки за еднакви можности за вработување при невладината организација ХЕРА.

Во Групата за застапување на еднакви можности за вработување, како што раскажува Јоксела, се вкупно седум жени и секоја од нив е вработена во различен сектор, зависно од образованието.

- Сите што сме вклучени во групата се обидуваме да им помогнеме на Ромките да ги разберат предностите од вработувањето и од образованието, колку е важно да бидат вклучени, уште на самиот почеток да го фатат редот и натаму да бидат успешни жени - вели Шабанова.

Според податоците на Групата од мониторингот направен лани за вработеноста на Ромките и искористеноста на мерките за вработување преку Агенцијата за вработување на Македонија, бројот на невработени Ромки со средно образование е зголемен за 96 %, а бројот на невработени со високо образование е зголемен за 40 %.

- Образованието е првата и најважна алатка со која човек може да напредува, односно да се види во иднина во некое убаво светло. Ова е важно и за целото семејство, за децата, за да може да ги советува и упатува да не одат во несакани правци. Многу е важно децата од најмали да разберат дека образованието ќе им помогне да се осамостојат, да знаат кои се придобивките од него, а потоа и да можат да се вработат и понатаму да го обликуваат својот живот - вели Шабанова.


Јоксела Шабанова

Во разговорот Јоксела спомена дека еден од непосакуваните правци во кои може да тргнат децата, особено од ромската заедница, се малолетничките бракови. Ова е еден од факторите што влијаат врз тоа колку Роми, особено Ромки ќе завршат образование, а потоа и ќе се вработат. За среќа, според неа, таа традиција на малолетнички бракови полека се искоренува.

- За жал, стереотипите за Ромките почнуваат од нашиот дом, од нашето семејство. Се знае дека жената треба да биде домаќинка, да ги чува децата. Оттаму доаѓа стереотипот дека е неедуцирана, дека нема образование. Но, состојбата се менува. Жената се освестува за убавината на нејзиниот живот и дека не треба да се затвора, дека не треба да биде само домаќинка. Таа е толку силна и свесна дека може да заврши и други работи освен тоа да биде само домаќинка и да чува деца. Сега има многу Ромки со високо образование кои се вработени и ја покажуваат промената - вели Шабанова.

Според неа, овој начин на патријархално воспитување е присутен и во другите заедници, каде што исто така влијае врз тоа колку девојчиња ќе се образоваат, вработат и ќе се осамостојат.

- Не само Ромките, туку сите жени сме малку поповлечени и во самото семејство сме така воспитани да бидеме потивки, дека не можеме, дека не смееме. Дури и во некоја игра ти велат „ти си девојче, ти треба да бидеш внимателна“, да стоиш понастрана, да си потивка, да си понежна. За мажите се смета дека се побунтовни и дека сѐ им е дозволено. Но, треба да разбереме дека жената треба да биде храбра и силна и дека е доволно да се обиде за да успее. Не треба да сме совршени, колку што треба да сме храбри, да сакаме да го направиме тоа. Така може да успееме и да им помогнеме на другите - вели Јоксела.

Таа вели дека како вработена мајка, иако има одговорна работа, може да му се посвети на семејството бидејќи засега работи само прва смена и има време за семејството, кое е значајна поддршка за успехот на една жена.

- Моите родители многу ме поддржуваа кога сакав да се школувам, не ме тераа да седам дома, како што сѐ уште има ситуации да ги тераат да седат дома и да бидат домаќинки. Тие постојано ми зборуваа дека е во ред што сакам да учам и дека ќе ми бидат поддршка, финансиски ме поддржуваа и во тој дел немав никаква пречка. Многу сум благодарна што моите родители, кои имаа тежок живот, ми овозможија да успеам и сега се горди со мене што ја работам оваа работа, која многу ја сакам и имам желба да им помагам на другите - вели Шабанова.



Таа вели дека ги охрабрува своите деца да му се посветат на школувањето, особено на нејзината помала ќерка, на која ѝ објаснува дека преку образованието ќе може да се социјализира и ќе ѝ се отворат нови видици во животот. За себе вели дека сѐ уште сонува да го доврши образованието и дека како што ги охрабрува другите да вложат во себе, така се охрабрува и себеси.

- Имам идеи и желба да го продолжам образованието, да продолжам онаму каде што застанав и да завршам виша медицинска школа во Битола за да станам главна сестра. Можеби во блиска иднина ќе го направам тоа, иако по завршување на средното медицинско училиште немав храброст да продолжам понатаму. Засега сум среќна со работата што ја имам бидејќи долго време бев невработена - вели Јоксела.

Невладините организации, освен мониторинг на тоа колку Ромки се вработени и колку од нив ги искористиле мерките за вработување, работат и на препораки за акциски планови за нивно вработување.

- Во рамките на проектот, на локално ниво соработуваме со пет општини на ниво на град Скопје, каде што со техничка поддршка на невладината и Групата за застапување се креираат локални акциски планови за вработување на Ромки, каде што во три општини се усвоија и веќе се имплементираат овие планови, а тоа се општините Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба. Преку Програмата за инклузија на Ромите на Министерство за локална самоуправа, кое секоја година префрла средства за имплементација на програми и проекти насочени кон Роми, успеавме да ги споиме овие општини со Министерството и општините Ѓорче Петров и Карпош добија средства за имплементирање на овие акциски планови - вели Оливера Стојковска-Ивановска од ХЕРА.

Еден од проблемите со кои се соочуваат Ромките и поради кои процентот на невработеност е голем, според Шабанова, е тоа што тие не знаат што им нуди Агенцијата за вработување, ниту како да ги побараат информациите.Таа вели дека Ромките не ја препознаваат Агенцијата за вработување како институција во која може да побараат работа и дека таму треба да ги бараат информациите за вработување. Според неа, Агенцијата треба да го смени пристапот и информациите да бидат што подостапни.


Оливера Стојковска-Ивановска 

Таа објаснува дека според податоците што ги добиле од Агенцијата за вработување, многу малку Ромки се регистрирани како невработени, а од оние што се пријавени во Агенцијата дури 94 % се или без образование или се со основно образование. Стојковска-Ивановска вели дека мониторингот на вработеноста на Ромите и на искористеноста на мерките за вработување, кој го прават од 2019 година наваму, покажува дека искористеноста на мерките е мала.

- Ја следиме имплементацијата на Националниот оперативен план за вработување и оттука го добиваме бројот за невработени, нивното образование и искористеноста по мерки. Висок е процентот и на високообразовани Ромки, односно сега имаме 14 Ромки со високо образование кои се невработени. Голема е разликата меѓу бројот на Ромки што се регистрирани во Агенцијата во споредба со тоа колку се всушност невработени, а некои се дел и од неформалната економија - вели Стојковска-Ивановска.

Фото: приватна архива
Подготвил: Елица Бочваровска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема