X
 08.05.2017 Живот

Мали нарциси: Зошто децата се заљубени во себеси и како да не пораснат во себични суштества?

Некогаш сте биле социопати. Да. Не сте го знаеле тоа, а и да сте го знаеле, не ви било гајле. Тешко е да се погоди точниот момент кога сте ја преминале линијата на социјално неприфатливото однесување, но можеби тоа бил момент кога сте се обиделе да удрите непознат човек.

По природа, малите деца се морални чудовишта. Тие се себични, каприциозни, насилни, лакоми, импулсивни и без никакво чувство за каење. Постојано се тепаат со браќата и сестрите или со други деца, но се подготвени да врескаат ако некој друг ги нападне. Очекуваат да бидат обожавани но не и дисциплинирани, наградувани, но не и казнувани.

Психпатологијата вели дека станува збор за нарцисоидна патологија. Тука е и егоцентризмот и апетитот за неограничено внимание. И нарцисоидната негрижа за проблемите на другите луѓе. Но, тоа во исто време е и нарцисоидност која бебињата мора да ја имаат за да преживеат. Сè поголем е бројот на психолозите кои ги откриваат корените и причините за ваквото однесување - како и фактот што децата никогаш не престануваат да се однесуваат така - и даваат сè повеќе совети како подобро да влијаете врз здравиот нарцис во вашето дете и врз нездравиот нарцис кај возрасните.

„Бебињата мораат да бидат себични од раѓање за да бидат исполнети нивните потреби, и тоа едноставно е еволутивен императив“, вели Марк Барнет, развоен психолог од Државниот универзитет во Канзас.

„За да преживеат, мораат да бараат внимание“.

И раните психолози укажувале на ова. Во есеј напишан во 1914 година, наречен „Неговото величество: бебето“, Сигмунд Фројд напишал дека најраниот стадиум на животот на бебето е дефиниран со она што се нарекува „примарна нарцисоидност“.

„Ова состојба ја нарекуваме нарцисоидност, а тоа всушност не е ништо друго освен авто-еротицизам“, пишува тој.

Вроденото однесување на бебето да се нарекува нарцизам се разбира е претерано. Бебињата не се водени од алчност и лукавост туку од исконската потреба да преживеат уште еден ден - а тоа е прилично добра причина да се однесувате себично.

Но тоа не значи дека семето на однесување кое може да порасне во вистинска нарцисоидност не се појавува низ темпераментот на бебето, како и други растројства на личноста - излив на бес кој, доколку не се спречи, станува сериозен проблем подоцна во животот; длабока потреба за љубов и внимание и бес кога има недостаток од нив и кој кај постарите се граничи со растројство на личноста.

Недостаток на емпатија веројатно е најважната карактеристика кај бебето која подоцна може да стане вид на нарцис, и на многу начини таа е најтешко да се надмине. Не само што умот на децата не може да ги сфати чувствата на другите, туку тоа не може и да сфати дека луѓето или работите постојат тогаш кога детето не ги гледа и не ги слуша.

Шестмесечното бебе кое ќе ја испушти лажицата додека седи во хранилката, воопшто нема да ја бара на подот затоа што смета дека ако не може да ја види, таа не повеќе не постои. Од истата причина, новороденчињата не чувствуваат вознемиреност ниту страв ако ги одвоите од родителите, за разлика од децата кои веќе научиле да одат и се многу повеќе поврзани со мама и тато. Возрасните исчезнуваат и се појавуваат, се менуваат, исчезнуваат како субатомски честички во моментот кога ќе ја напуштат собата - така размислува бебето.

Кога децата ќе започнат да го разбираат концептот на присуство на луѓе или предмети - обично од шест месеци па понатаму, започнуваат да се појавуваат првите знаци на емпатија, сфаќање дека некој е тажен и некој пати. Дури и тогаш, сепак, бебето ќе се однесува егоцентрично.

„Малото дете ќе се обиде да ја утеши својата мајка исто онака како што самото сака да биде утешено. Ова значи дека тоа ќе му ја даде играчката што ја сака“, вели Марк Барнет.

Некои научници забележале и опишале искра на емпатија и кај помалите бебиња. Кога имаат само еден ден, бебињата различно реагираат на звуците на другите бебиња кои плачат во истата соба во која се наоѓаат тие, и бебињата кои плачат на снимка, дури и ако ние возрасните не можеме да ги разликуваме овие два звуци. Нивниот мозок можеби е направен да разликува вистинско од лажно и со повеќе чувства да одговара на искрениот звук. „Тоа е еден вид на емоционална мимикрија. Ова сè уште не е вистинска емпатија, но е добар почеток“, вели Барнет.

Недостатокот на контрола на импулсите е уште еден заеднички именител на личноста на бебето и личноста на нарцисот. Способноста нешто да го сакате, а да не го земете или макар да го одложите земањето - е нешто со кое се бориме цел живот. Играта мора да дојде со работата, воздржаноста е поважна од задоволството, сите тие се лекции кои некои од нас никогаш не ги учат.

„Срцето го сака она што го сака“, рекол Вуди Ален во нарцисоиден момент кога објаснувал зошто ја напушта долгогодишната партнерка Миа Фероу и стапува во врска со нивната 21 годишна посвоена ќерка.

„Го правев она што го правев“, му рекол Берни Медоф на неговиот колега затвореник, кога овој му рекол дека крадењето пари од стари, сиромашни дами била „лоша работа“.

Идејата дека желбата е исто што и дозволата некако е фабрички всадена во нас, а ова го образложил и Волтер Мишел, психолог од Стенфорд, уште на почетокот на 60-те години на минатиот век. Неговото познато истражување за контрола на импулсот станало познато како „маршмелоу тест“. Тој работел со група од деца на четири години, а на секое дете посебно му го нудел договорот: можат веднаш да добијат еден маршмелоу или можат почекаат 15 минути и да добијат два. Тогаш тој излегувал од собата, оставајќи по едно благо на дофат на секое дете.

Две третини од децата успеале да се воздржат цели 15 минути, но не било ни малку лесно. Се обиделе да си го одвлечат вниманието со пеење, гласно зборување, криење на очите со рацете... И кога Мишел се враќал, тие ја добивале ветената награда.

Можеби децата кои го положиле тестот имале силна волја или само имале среќа, но искуството ги научило една голема лекција. Кога Мишел и неговите колеги се сретнале со истите деца 14 години подоцна, се покажало дека оние кои го поминале тестот имале подобри резултати на бихевиоралните тестови кои ја мереле социјалната ефективност и способноста да се справат со фрустрацијата. Во просек, тие имале и подобри резултати на тестовите и приемните испити од оние деца кои веднаш ги изеле благите.

Последната неопходна компонента на нарцизмот е недостатокот на каење. Тешко е да бидете манипулатор ако после тоа се чувствувате лошо. Многу е подобро и полесно да се убедите себеси дека тоа е во ред.

Одлично истражување во 2009 година спровел психологот Гражина Кочанска, кој истражувал како децата кои тукушто прооделе покажуваат каење и како се справуваат со тоа чувство. Кочанска и колегите собрале тест група од 57 деца, на возраст од 2 години, и на секое дете им дале по една играчка. На децата им било кажано дека играчката е многу посебна, дека припаѓа на испитувачот и дека тој ја имал уште како дете. Секако, ова не било вистина. Играчката била посебна само на еден начин: била толку кревка што се распаѓала на парчиња штом ќе ја допрело некое дете. Кога ќе се случело тоа, испитувачот благо реагирал, издишувајќи и велејќи: „О, не“.

Во наредните 60 секунди, испитувачите ги набљудувале децата. На некои им било сеедно. Некои биле видно вознемирени: ги покривале очите со рацете, ја вртеле глават од скршената играчка. На некој начин тоа било сурово истражување бидејќи после 60 секунди агонија, следувало чистење.

Испитувачот ги собирал деловите од играчките и на секое дете му ветувал дека ќе ја поправи. Потоа излегувал од собата и за брзо време се враќал со дупликат играчка, но овој пат во совршена состојба. Како и со претходниот тест, на децата кои им било тешко што ја скршиле играчката имале помалку бихевиорални и академски проблеми од оние деца на кои не им било гајле што ја скршиле играчката.

Нарцизмот кој го покажува детето е поедноставен, суров вид од оној кој го покажуваат возрасните - кај повеќето деца тоа е само минлива фаза. До одењето во градинка, децата веќе учат дека светот ќе ги задоволи само до некаде, и дека постојаг раници за нивното однесување 0 иако оваа лекција до крај нема да ја совладаат до тинејџерската фаза.

Теоријата вели дека егоизмот е само маска под која се крие она што е подолу: длабок, црн бунар на само-омраза и ниска самодоверба. Друга теорија пак тврди дека таканаречениот грандиозен нарцис е токму она што го гледаме: себичноста на една личност која можеби ја одгледувале родителите.

Во некои случаи помага терапија - ако нарцисот може да ја истрпи, што повеќето не можат бидејќи во нивна природа е да мислат дека знаат подобро отколку психологот. Како и останатите нарушувања на личноста, нарцизмот може да се намали со возраста.

Некогаш пак, ова е карактеристика која човек го следи од мал па до староста, и цел живот влијае врз членовите на семејството, колегите, партнерите и сите други.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот