X
 08.05.2018 Култура

Пучини во фокусот на Мајските оперски вечери, „Боеми“ за отворањето вечерва

„Тоска“, „Турандот“, „Змеј од Босна“, гала оперски концерти, промоции на монографии се дел од настаните што до 31 мај ќе ја состават најголемата оперска манифестација во регионот


Од вечерва ќе гори фестивалскиот оган којшто ќе им го осветли патот на стотици оперски уметници и илјадници љубители на оперската уметност. Премиерната изведба на „Боеми“ од Џакомо Пучини, во режија на Дејан Прошев ќе ги отвори 46-те Мајски оперски вечери во 20 чаост во Македонската опера и балет.
Главните улоги на љубовниците Родолфо и на Мими ги толкуваат Ѓорѓи Цуцковски и Благица Поп Томова. Во чест на 160-те години од раѓањето на големиот автор, годинава манифестацијата е под мотото „Го славиме Пучини“.
„Боеми“ се изведува на сцената на МОБ по 11 години. Токму во оваа опера, поставена во 2007 година, Цуцковски го имал своето деби.
Освен „Боеми“, ќе бидат изведени уште две оперски дела - „Тоска“ - на 12 мај и „Турандот“ - на 19 мај. На 23 мај ќе се одржи гала оперски концерт „Пучини и Росини“, со кој ќе биде одбележан и јубилејот – 150 години од смртта на Џоакино Росини.
Националната опера на Босна и Херцеговина на 22 мај ќе гостува со претставата „Змеј од Босна“. Традиционално, за крај на фестивалот, на 31 мај ќе биде изведена „Аида“ од Верди. Во придружната програма ќе бидат организирани две изложби #retrOpera - со која МОБ се придружува на европската иницијатива Европски оперски денови и ретроспективната изложба на дела од уметникот Васе Урдин.
Ќе биде промовирана и монографија за оперската примадона Зина Креља, ќе ќе има Вечер со Аки Нуредини - „До ре ми фа Соле“, а ќе бидат одбележани и сто години од раѓањето на Данка Фирфова, една од првите драмски сопрани во Македонија.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура