X
 08.10.2018 Живот

Последниот осуден на смртна казна во Југославија сѐ уште е жив

Во јануари 1987 година пред стрелачкиот вод во Карловац, Хрватска, бил изведен четирикратниот убиец Душан Косиќ. Во судските досиеја до ден-денес стои и разгледница со која Душан на својата сопруга ѝ го честитал роденденот пишувајќи ѝ дека го отстрануваат мафијашите, плашејќи се од вистината. Иако на почетокот признал и детално го опишал убиството на четиричлената фамилија Матијевиќ, Косиќ до смртта тврдел дека не бил егзекуторот на Славица и Чедомир и нивните две девојчиња - двегодишната Драгана и 8-месечната Снежана.

По четиринаесет месеци откако Косиќ бил застрелан, во судницата во Окружниот суд во Бихаќ, Босна и Херцеговина, судијата Илијас Миџиќ ја читал пресудата „во име на народот“ со која, на тој 24 март 1988 година, во 14 часот, поради убиство, кражба, распарчување и палење на Дервиш Липовача, инвалид без нозе, му пресудил смртна казна за Мирко Станаревиќ.

Криејќи ги очите зад темните очила што ги носел на судењето за да го избегне погледот на убиецот, судијата 45 минути образложувал зошто Станаревиќ треба трајно да се отстрани од општеството. Тој ден Станаревиќ трет пат бил осуден на смрт.

Како и Душан, така и Мирко на почетокот признал дека го убил Липовача, а признал и две други убиства, но потоа тврдел дека не е виновен и ја обвинил Службата за државна безбедност за заговор.

Во аналите на правосудството на бившата држава влегле и „случајот Косиќ“ и „случајот Станаревиќ“. Имено, Душан Косиќ бил последниот злосторник во Југославија што бил изведен пред стрелачки вод, додека Мирко Станаревиќ бил последниот осуденик во Југославија на кој му била изречена смртна казна.

Вратите од затворот во Зеница ги затворил зад себе во 1997 година, кога бил помилуван од Алија Изетбеговиќ. Станаревиќ денес има 87 години и живее на две адреси - во дом за пензионери во Приједор, БиХ, и во куќа на една жена која ја нашол во тој град. Тој сѐ уште повторува дека убиството на Липовача му го наместила службата, исто како и убиството на двајца поштари, убиени во 1965 и 1966 година. Во овие два случаја исчезнале торби со пензии.

Станаревиќ е од Липа, село во близина на Бихаќ. Таму живеел со братот Миланко. Никогаш не се женел. Бил пријател со Саво Крљиќ, за кого се вели дека крадел коњи и крави. На крајот костурот на Саво бил пронајден во пештера во која Мирко рекол дека се наоѓа и од каде што остатоците ги изнесувале спелеолози. На Станаревиќ требало да му се суди и за неговата смрт, но никогаш не било покренато обвинение. Саво исчезнал по убиството на двајцата поштари, ликвидирани во близина на едно место каде што Станаревиќ своевремено работел како полицаец додека поради илегални преминувања на границата не го исфрлиле од службата.

Мирко Станаревиќ
Фото: Vecernji

За тие две убиства судијата Анте Пољак го осудил Станаревиќ на смрт, но поради процедурални грешки, пресудата била укината. Во повтореното судење смртна казна му изрекол и судијата Томислав Вукичевиќ. Пред Станаревиќ да се најде во судницата на Миџиќ, Илијас детално ги проучил претходните злосторства на Мирко. Се сеќава дека токму тој го добил случајот затоа што неговите колеги тогаш се разбегале по годишни одмори и боледувања.

Никој не сакал да се занимава со Станаревиќ бидејќи тој зад себе веќе имал две пресуди со смртна казна, како и закани за судиите што ги изрекле казните. Меѓу другото, Станаревиќ бил, како што го опишувале невропсихијатрите, со примитивна структура, но натпросечно интелигентен. Тој им задавал главоболка на вештаците, а со оглед на тоа дека знаел да пишува и со левата и со десната рака, со него мака мачел и угледниот графолог Жељко Сабол, еден од основоположниците на Хрватското друштво на судски вештаци.

- Сѐ што кажуваше Мирко во текот на судењето звучеше толку логично. На сѐ имаше одговор - вели Миџиќ.

Станаревиќ потпишал признание дека ги убил поштарите. Но, дури на судењето на виделина излегло дека на дното од записникот пред своето презиме напишал „не“.

- Тврдеше дека го натерале да потпише - вели Миџиќ.

По тогашните закони, во име на осуденикот на смрт жалба поднесувала државата и на крај Станаревиќ бил помилуван, а најтешката казна му е заменета со казна затвор во траење од 20 години. Ја одлежал во Фоча, а 5-6 години бил и во самица поради дисциплински прекршоци. Сите тие 20 години никогаш не излегол од затвор, ни на викенд. Од Фоча бил одведен во притвор во Сараево, каде што му се судело за закани кон судијата Вукичевиќ.

По излегувањето на слобода во 1987 година, отишол во Липа, а некогаш се појавувал и во Бихаќ. Во јули таа година Станаревиќ наводно го убил Липовача, а бил пронајден по 7-8 дена во шума во близина на реката Уна, каде што спиел. Сакајќи да побегне, скокнал во реката иако не знаел да плива. Таму еден полицаец го ранил во раката. Следувале притвор, истрага, вештачење и судење.

- Кога го прашаа зошто бегал, одговори дека заминал додека не се најде убиецот бидејќи знаел дека ќе го прогласат за виновен за сѐ, па дури и кога некој ќе украдел кокошка - објаснува Миџиќ.

Илијас Миџиќ
Фото: Vecernji

Но, имало докази дека тој е убиецот, а било пронајдено и писмо во кое се признава убиство на еден поштар. Подоцна било утврдено дека писмото го напишал Мирко, со лева рака.

- Знаев дека ќе го осудам на смрт. Не е едноставно, но на пресудата гледаш како и на секоја друга. Тоа е единствената смртна казна што ја изреков и бев убеден дека постапувам правилно. Не му се плашев на Станаревиќ иако им се закануваше на сите, на сведоците, обвинителите и на судиите. За мене велеше дека сум комунистички изрод. Во образложението на пресудата истакнав дека лице со такви карактеристики треба да се елиминира од општеството - вели Миџиќ.

Станаревиќ вели дека кога му изрекувале смртна казна, не се плашел од смртта. Согласувајќи се да ја раскаже својата животна приказна, тој вели дека бил школуван полицаец и дека во тоа време смртните казни се извршувале со бесење за да гледа народот и да биде заплашен. Во својата приказна веднаш вплеткува национализам, вели дека на смрт бил суден осум пати, но не објаснува точно за што, како што и не одговара прецизно зошто бил исфрлен од полицијата. Потоа се навраќа на своите криминални дела, за кои вели дека му ги подметнала Државната безбедност.

За Саво, вели дека го убила Службата пред неговите очи и го фрлила во пештерата, па тој знаел каде е неговото тело.

- Кога смртната казна ми беше заменета со казна од 20 години затвор, јас одлучив да откријам каде е Саво. Сметав дека ако ми го подметнат и тоа, можам да добијам 15-20 години, а бидејќи 20 години беше најголемата затворска казна, всушност не ми можеа ништо бидејќи толку веќе добив - раскажува Станаревиќ.

Тој во затвор бил од 1966 до 1997 година, за што напишал и книга.

Миџиќ го сретнал Станаревиќ пред 5-6 години, во ходник во суд во Бихаќ, каде што Станаревиќ бил со екипа која требало да снима документарец за него, но на крајот се скарале и од тоа не биднало ништо. Миџиќ сега е адвокат, противник е на смртната казна, но се залага за воведување казна доживотен затвор.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот