На 10 септември 1976 година, на небото над Врбовец се појавила блескава топка, проследена со заглушувачки звук како гром. Нешто пред пладне, на 10.000 метри во воздухотм се судриле авион на „Бритиш ервејс“ на пат кон Истанбул и авионот на „Индекс-Адриа авиопромет“ на пат од Сплит кон Келн и Бон.
Тоа било пат до смртта за 176 луѓе, главно германски државјани, туристи што се враќале од хрватското крајбрежје. И денес тоа е најголемата авионска несреќа што се случила во Хрватска и во тоа време една од четирите најтешки несреќи во светот. Во знак на жалост, поранешна Југославија на 12 септември ги спушти знамињата на половина копје.
Во потрагата по настраданите биле ангажирани 1.200 полицајци, а на самото место пристигнале медицински персонал, пожарникари и локални жители, кои во следните три дена трагале по најмал знак за живот, но немало спас за патниците. Делови од авионот, опремата, багажот и човечките тела биле расфрлани на површина од 10 километри, а спасувачката мисија била отежната од мочуриштата, шумите и густата вегетација.
- Седевме во куќата и се подготвувавме да одиме на поле. Одеднаш се слушна силна бучава, па истрчавме да видиме дали можеби почна да грми. Видовме на небото како се врти авион, паѓа и се распаѓа. Се исплашивме, немаше ништо што можевме да направиме, па веднаш влеговме во куќата. Набрзо почна да паѓа врз нас, на покривот и во дворот. Како дожд... удираше во сите насоки и не знаевме што е. Откако престана да паѓа, излеговме и сфативме дека не врне. Над нас паѓаа луѓе, торби и седишта од авионот - раскажува Марица Брлечиќ за „Вечерњи лист“.
Редакцијата на „Вечерњи лист“ тогаш шест дена по ред известувала за несреќата, а поради важноста на темата и размерите на катастрофата, секојдневно се објавуваше на насловната страница на весникот.
Во моментот кога инфографиката сè уште не била позната, на читателите им биле претставени скици од несреќата на кои била опишана насоката на движење на авионот, како и моментот на судирот. Новинари од речиси сите делови на Европа пристигнале во Врбовец во потрага по сведоци на несреќата. Во општинскиот центар се собрале стотина репортери од Велика Британија, Германија и од Турција. Пристигнале новинари од Австрија и од Италија, како и голем број новинари од југословенските весници. Меѓу првите што пристигнале биле англиската телевизија Би-би-си, новинари од Дејли телеграф, Сандеј мирор, Лондон тајмс и Дејли мејл, Ројтерс, Радио Виена и многу други.
Во Германија, одлуката на аеродромот во Келн да ги извести роднините и семејствата на патниците дури четири часа по несреќата предизвика вистинска бура од критики. Од управата на аеродромот се правдале дека не можеле порано да ја соопштат непроверената вест на агенциите. Затоа што навистина имало непроверени информации.
- Некои сведоци, шокирани од настанот, дадоа изјави за кои подоцна се утврди дека се неточни. Некои тврдеа дека едно дете ја преживеало катастрофата, а тоа го објави целиот печат. Сепак, како што рекоа лекарите од Здравствениот дом во Врбовец, тоа не е точно. Експертите тврдат дека поради декомпресија предизвикана од падот на авионот и влегувањето на воздухот, луѓето починале веднаш, на голема височина - пишува „Вечерњи лист“ два дена по несреќата. Во истиот број било објавено дека е започната идентификацијата на жртвите што се спроведувала во Загреб, а редакцијата на „Вечерњи лист“ повремено посветила уште неколку продолженија на оваа тема заедно со нови откритија на британски и домашни експерти за трагедијата.
Виновник за несреќата е Контролата за воздушен сообраќај во Загреб. Големиот сообраќај на небото, застарената технологија и хроничниот недостиг на квалификувани луѓе довеле до трагедијата за која прво била обвинета група од осум лица. Како што утврдила истрагата, воздушната контрола предоцна известила еден од авионите да не полета. Доколку информациите за контрола на летот стигнеле до авионот неколку секунди порано, несреќата веројатно би била избегната.
Покрај првообвинетиот Градимир Тасиќ, биле обвинети и шефот на Центарот, Анте Делиќ, неговиот заменик Милан Муњас, шефицата на смената Јулија Дајчиќ, контролорите Младен Хохбергер, Ненад Тепеш, Бојан Ерјавец, Градимир Пелин. На судењето, кое било покриено во медиумите, Тасиќ го бранеле адвокатите Тома Фила, Делиќ Силвија Деген, Ерјавец Жељко Олујиќ. Но, Градимир Тасиќ, 28-годишен контролор на летот од Ниш, бил единствениот што бил прогласен за виновен и осуден на седум години затвор. Меѓутоа, казната набрзо му била намалена благодарение на бунтот на неговите колеги. Имено, тој три дена по ред работел дванаесетчасовна смена.
Заморот не била причината
Според деталната реконструкција на новинарот на „Вечерњи лист“, Зоран Витас, од март 2019 година - што исто така сведочи за интересот за оваа несреќа и децении подоцна - една околност е особено тажна за Тасиќ. Тоа била неговата последна смена во Центарот, претходната вечер веќе се збогувал со колегите.
Пресудата на Окружниот суд покажува дека вештаците ќе утврдат дека неговиот замор не можел да биде причина за грешката што довела до судир на двата авиона. И покрај тоа што се поздравил со колегите, тој си легнал во пристојно време, во 21:30 часот, станал во 6 наутро, пристигнал навреме на работа и почнал да работи во 7. Се чувствувал целосно одморен и способен да ја преземе функцијата. Од наодот на вештачењето и сведочењето било утврдено дека нема замор. Во тоа време, контролорот некогаш имал задача да контролира 20 авиони, во случајот на Тасиќ тој број во еден момент паднал на пет-шест.
Интересно е дека Тасиќ бил двапати казнет - еднаш поради ситуација многу слична на кобната за која ќе биде прогласен за виновен.
Градимир Тасиќ излегол од затвор по три и пол години, по што се вработил во техничката служба во Белград. Починал млад, наводно од тешка болест. Сè уште не се заборавени жртвите од авионската несреќа. Како траен спомен во блиската шума бил поставен железен крст на кој биле обесени шолја и гумена рамка од авионски прозорец, за никогаш да не се заборави.
Фото: Facebook /Aviation Accidents/This Day in History