X
 08.12.2019 Здравје

Целата влада на оваа земја прекина да работи за да се фокусира на епидемијата од морбили

Островската држава Самоа е среде погубна епидемија на морбили и тамошната влада ги прекина сите операции што не се насочени кон нејзино запирање.

До средата епидемијата на морбили зеде 60 животи, а 52 од нив се деца под четири години. Дополнително 4.052 луѓе се разболеле, што е огромен број за нација со население од околу 200.000 жители.

Во вторникот владата на Самоа објави дека ќе ги затвори сите јавни и владини сервиси в четврток и в петок од 7 до 17 часот, така што службениците би можеле да им помогнат на јавните службеници кои одат од врата до врата и делат вакцини против морбили.

- Луѓето се советуваат да врзат црвена крпа или црвено знаме пред нивните куќи и покрај патот за да укажат дека членовите на семејството не се вакцинирани. Тоа им олеснува на тимовите да идентификуваат домаќинства за вакцинации - соопштија од владата.

Ќе се запрашате зошто Самоа го доживува ова. Стапката на вакцинирање против морбили кај новороденчињата во оваа земја беше само 31 процент во 2018 година, покажуваат податоците на Светската здравствена организација, што претставува огромен пад на стапката од 90 проценти во 2013 година.

СЗО забележува дека колебливоста на јавноста да се вакцинира може да биде поврзана со смртта на две новороденчиња во 2018 година, кои починале истиот ден откако примиле вакцини против морбили, заушки и рубеола, кои содржат мускулен релаксатор (Attracurium). Медицинските сестри што го мешале лекот со вакцините сега се во затвор, но антиваксерските организации ја искористиле приказната за да предизвикаат стравувања од вакцинација.

Сега владата на Самоа очајно се обидува да ја запре епидемијата на морбили, која одзема сè повеќе животи додека антиваксерите ги споредуваат тие напори со нацистичка Германија и се обидуваат да ги убедат жителите дека само им треба малку повеќе витамин А во нивната исхрана.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје