Во 2000 година Центарот за болести и превенција (ЦДЦ) објави дека морбилите биле елиминирани во САД. Ова беше фантастично достигнување на јавното здравје, овозможено од вакцината против морбили, која е 99 отсто ефикасна и која практично нема никакви несакани ефекти.
За жал, морбилите се вратија. Минатата недела Центарот за болести и превенција на Америка објави дека само оваа година има најмалку 695 случаи, што е најголем број од 2000 година, првенствено од 3 големи епидемии, една во државата Вашингтон и две во Њујорк. Бидејќи надзорот на ЦДЦ е далеку од совршен, вистинскиот број на заразени со морбили веројатно е многу поголем. А имаат поминато само четири месеци од оваа година.
Освен тоа, Универзитетот на Калифорнија - Лос Анџелес (УКЛА) и Државниот универзитет на Калифорнија мораа да стават во карантин повеќе од 700 студенти и членови на персоналот кои биле изложени на морбили. Во УКЛА еден студент што имал морбили присуствувал на неколку предавања додека бил заразен, изложувајќи стотици други лица на високо заразен вирус.
Фото: 123RF
Во САД досега нема смртни случаи предизвикани од морбилите, но ако не се уништи епидемијата, прашање на време е кога некој ќе умре. Морбилите имаат стапка на смртност од 0,2 отсто или 2 смртни случаи на 1.000 случаи. Можеби не звучи страшно, но е застрашувачки кога ќе земете предвид дека САД имале околу 500.000 случаи годишно пред да биде воведена вакцината, во 1963 година.
Знаејќи ги ризиците од морбилите и извонредната ефикасност и безбедноста на вакцините, зошто луѓето не ги вакцинираат своите деца? Примарната причина е едноставна: гласното уверување на целосно дезинформативното движење против вакцината. Антиваксерите секојдневно ги шират своите пораки на „Фејсбук“, „Твитер“, веб-страници и други медиумски платформи. Тие почнаа систематски напори низ земјите од светот за да ги убедат родителите да не ги вакцинираат своите деца, тврдејќи дека вакцините предизвикуваат различни штети, од кои ниту една не е точна. Тука нема да ги набројам бидејќи дури и нивното споменување им дава кредибилитет.
Во една од двете епидемии во Њујорк антиваксерите дистрибуираат многу лажни летоци во обид да ги убедат родителите во ултра-религиозната еврејска заедница да не ги вакцинираат своите деца. Анонимниот леток содржел теории на заговор и неточни податоци, но се чини дека успеал да убеди неколку родители.
Антиваксерското движење исто така стои зад напорите да ги натера родителите да бараат опција да не ги вакцинираат децата што одат на училиште. Гледаме дека некои држави се борат со ова, меѓутоа, голем дел од родителите бараат „етичко“ или „верско“ ослободување, овозможувајќи им да ги носат своите невакцинирани деца на училиште и со тоа да изложуваат на ризик безброј други деца. (Ги ставам зборовите во наводници затоа што не постојат валидни етички или религиозни приговори за вакцините. Сите големи религии силно ја поддржуваат вакцинацијата).
Антиваксерските веб-страници им обезбедуваат инструкции на родителите како да дојдат до исклучок од вакцинирање на нивните деца и до мал број антиваксерски доктори кои лесно даваат голем број антиваксерски исклучоци.
Модерното антиваксерско движење почнало во 1998 година со лажен труд за вакцината против морбили, заушки и рубеола, објавена од поранешен лекар кој ја изгубил медицинската лиценца откако била откриена измамата. Било откриено дека водечкиот автор на крајот зел големи суми пари (без коавторите да знаат) од адвокатите кои се обидувале да изградат случај за да се тужат создавачите на вакцини. Истиот тој поранешен доктор сега е херој на антиваксерските движења и патува низ светот и ја шири токсичната порака. Дури направил и антиваксерски филм.
Искрено се надевам дека нема да умре ниту едно дете пред да исчезне антиваксерското движење. За сите родители што мислат да не ги вакцинираат децата, ги советувам да ги прочитаат тажните зборови на писателот Роалд Дал, чија ќерка Оливија починала од морбили во 1962 година, на седумгодишна возраст.
Едно утро, кога можеше да се каже дека е на пат кон заздравување, седев на нејзиниот кревет, покажувајќи ѝ како да ги облекува малите животни. Кога ѝ дојде ред да го направи тоа, забележав дека нејзините прсти и нејзиниот мозок не функционираат заедно, така што таа не можеше да направи ништо.
- Дали се чувствуваш добро? - ја прашав.
- Се чувствувам поспано - рече таа.
По еден час беше во несвест. Во период од 12 часа почина.
Малите сипаници се претворија во ужасно нешто наречено сипаници енцефалитис, така што докторите не можеа да направат апсолутно ништо за да ја спасат. Тоа беше пред 24 години, во 1962 година, но дури и сега, ако детето со мали сипаници ја развие оваа смртоносна реакција од сипаниците како што разви Оливија, докторите не би можеле да направат ништо за да му помогнат.
Вакцината против морбили беше чудо на модерната медицина и е безбедна за стотици милиони луѓе. Морбилите се опасна болест, но можеме да ја спречиме. Ниту еден родител не треба да поминува низ она што го поминал Роалд Дал.