X
 31.03.2020 Наша тема

Никој не знае колку работници во Македонија останаа без работа поради коронавирусот

Потребно е да се направи поширока анализа на податоци од повеќе институции, велат надлежните

Македонија нема официјални податоци колку работници досега останаа без работа поради вонредните услови во земјава за да се заштити населението од заразната болест Ковид-19. Вчера занаетчиите предупредија дека се загрозени 9.000 работни места во овој сектор, а угостителите уште пред една недела посочија дека 29.000 вработени во угостителството ќе останат без работа. Од Агенцијата за вработување велат дека периодов нема нагли промени во одјавување на работници, а претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска, вели дека во моментот немаат конечна, ниту приближна бројка колку работници останаа без работа поради коронавирусот.

Фото: Pixabay

- Државниот трудов инспекторат проверува дали се испочитувани законските одредби при евентуални пријави и одјави од страна на работодавци. За да се даде точната бројка на лица што останале без работа поради вонредната состојба со коронавирусот, потребно е да се направи поширока анализа на податоци од повеќе институции. Да не шпекулираме, кога ќе излезат со податоци сите одговорни институции, ќе може да се посочи точната бројка - вели Филиповска-Грашкоска.

Во Агенцијата за вработување нема одјави на вработени

Од Агенцијата за вработување велат дека во изминатиот период не се забележани нагли промени во реализација на одјави од задолжително социјално осигурување.
Агенцијата води евиденција единствено на регистрирани пријави или одјави во задолжително социјално осигурување. Односно М1/М2 подразбира означување на датумот на почеток на задолжително социјално осигурување и датумот на престанок на задолжително социјално осигурување по основа на работен однос.



- Напоменуваме дека реализираната одјава од задолжително социјално осигурување за едно лице не значи дека за истиот човек не е реализирана нова пријава во задолжително социјално осигурување. За едно лице може да има повеќе одјави и пријави во задолжително социјално осигурување (М2/М1) кај ист или различен работодавец. Така, за едно лице може да има повеќе пријави или одјави и тоа во ист месец. На пример, ако лицето било вработено на определено време, па по истекот на определеното работно време се реализирала одјава од задолжително социјално осигурување, а потоа за истото лице се реализирала нова пријава во задолжително социјално осигурување кај истиот работодавец - објаснуваат од Агенцијата.

Во моментот, поради вонредната состојба, редовното пријавување на невработените лица е запрено сè додека се во сила владините мерки за спречување на ширењето на коронавирусот.

СТО: 25 милиони работници се загрозени

Светската трудова организација соопшти дека 25 милиони работни места се директно погодени од коронавирусот. Службата за вработување на Австрија пред неколку дена објави дека 170.800 луѓе останале без работа поради пандемијата. Највисок пораст на невработеноста се забележува во гастрономијата и во градежништвото.

Хрватска секој ден, покрај дневната состојба со болните, новозаразените, излечените и жртвите од коронавирус, објавува и податоци колку невработени има во моментот во земјата.


Графика: Index.hr

Групацијата за угостителство при Сојузот на стопански комори во нашата земја уште пред една недела предупреди дека не може да го издржи економскиот удар. Во оваа гранка во земјава работат 29.000 луѓе, а покрај оваа бројка треба да се земат предвид и нивните семејства. Угостителите предупредија дека за нив се неприфатливи мерките што треба да почнат да се спроведуваат од април зашто угостителите веќе половина месец се без приходи.

Тие предложија субвенција на минимална бруто-плата за вработените додека траат превентивните мерки, одложување на наплатата на даночни обврски и аконтации во наредните шест месеци и сл.
Занаетчиите бараат и тие да можат да аплицираат за поддршка. 
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема