Уште една револтирана личност со уште едно разочарувачко, понижувачко писмо. Уште еден незадоволен претставник на модерното племе што сака да се обрати до „поглаварите“. Се спушта ноќ и смог врз младите никулци на Македонија. Ученици, студенти, луѓе... Нѐ голта ноќта, гризе без пардон, без срам, без правила, без закон.
Студентите беа иднината на земјава, нели? Драги надлежни од МОН, очекувате свесно да се фрлиме во таа бездна од иднина? Со ладна глава да трпиме дури ни грабате од раце со изјави толку вешто неосмислени, што дури стануваат смешни, бедни.
Ми беше одбиена апликацијата за социјална стипендија од петстотини евра годишно под неточен изговор дека имам презапишано година. Одговорните уште се осмелија да ме убедуваат дека лажам, си дадоа за право да ги наречат моите документи, цитирам: „сомнителни“. Го лажирав индексот? Ги лажирав потврдите за невработеност? А што лажираа децата на вашите познајници? Или вие лажиравте наместо нив? Јасно е дека не се виновни тие што бараат, секому му се добредојдени средства за животарење во ова гнило место. Виновни сте вие што дозволувате, вие, ценети надлежни што без трошка интегритет, со блед поглед во очите дозволувате да се случува голгота.
Во учебната 2017/2018 запишав прва година на Машинскиот факултет во Скопје, оваа година, нормално, отидов да си аплицирам за стипендија. Со завршена прва година, со просек над осум, со две потврди од бирото за невработеност, уредно ги поднесов своите документи, сосема сигурна дека сум идеален кандидат, за да се најдам одбиена поради случајна, бесмислена административна грешка – погрешен печат во индексот што укажувал на тоа дека имам паднато цела една година. КОГА? Кажете ми, кога стигнав да поминам прва, па да ја паднам еднаш втората и повторно да запишам втора во рок од октомври 2017 до ноември 2018, кога аплицирав за стипендијата?
Одговорниот со инсценирана насмевка уште ми рече дека поради еден предмет од прва година, сум презапишала цела втора. Како? Ни јас не ја сфатив оваа логика. Почитуван министре, знаете кој ви работи во секторот што го нарекувате ОБРАЗОВАНИЕ? Очигледно некој што никогаш и не студирал. Најтрагичниот дел е, всушност, тоа што, да, сигурна сум дека знаете – луѓе што имаат тешкотии да прифатат дека во една година не можат да се сместат три.
Да, верувам во ова или едноставно да прифатам дека парите се наменети за оние што веќе имаат купче на кое ќе си ги таложат. Толку „лукаво“... Не, очигледни сте, не сте воопшто лукави. Очигледни и бесрамни. Патетика во нималку поетска форма. Нѐ гледаат в очи дури ни плетат лаги. Очекувавте дека сум од вчера? Дека навистина ви заблагодарив за одвоеното време во кое се потрудивте да се справите со нелогичностите?
Земјата на мртви идеали и овенати пршлени... Најверојатно и не треба да сум изненадена од приказните што бескрупулозно ни ги буткате в лице, знаејќи дека и двете страни ја знаеме вистината. Неспособност, корумпираност, лицемерие, незаинтересираност, безделничко пиење кафиња и пушење цигари во канцеларија... Ете што ги брка младите од „вечната“ Македонија, ете што е тоа што прави вечноста да се сведе на екстремно краток временски интервал. Гнило е нешто во државата северномакедонска, гнило во корените.
Сакам отворено да го прашам министерот за образование дали ќе преземе некаква одговорност за направената грешка или ќе продолжи мирно да си седи во фотелјата додека ние си ги пакуваме куферите?
Тасевска Ивана