Паметна топка за релаксирање може значајно да ја намали анксиозноста, покажува ново истражување. Топката на која може да ѝ се менува формата се нарекува „физички артефакт за поддршка на благосостојбата“ (Physical Artefact for Well-being Support).
Станува збор за изум на компјутерскиот научник Алекс Фарал од Универзитетот во Бат во Обединетото Кралство. Додека ја држат топката, корисниците треба да вдишуваат и да издишуваат, а во меѓувреме топката ја менува формата за да му помогне на корисникот да го замисли сопственото дишење. Ова помага во зголемување на фокусот и управување со емоциите.
- Со давање физичка форма на дишењето, топката ја зголемува свесноста за себе и вклученоста, поттикнувајќи позитивни ефекти за менталното здравје - објаснил Фарал.
Вежбите за дишење одамна се користат за намалување на анксиозноста и подобрување на менталното здравје. Меѓутоа, тие не се секогаш толку успешни како што би требало да бидат бидејќи луѓето набргу престануваат да се фокусираат на дишењето. Топката може да го промени ова.
Таа била тестирана на 58 волонтери кои изјавиле дека можеле да го почувствуваат сопственото дишење кога ја држеле топката, а во заднина слушале музика за медитација. Анализата на податоците од тестовите покажала дека топката ја намалила анксиозноста кај учесниците за 75 отсто, а ја зголемила заштитата од појава на загрижувачки мисли за 56 отсто.
Во моментов, топката се користи заедно со лента за гради што ја носи корисникот за да се следи дишењето, но поедноставена верзија од изумот во иднина би можела да се користи и во домот.
Извор:
Science alert
Насловна фотографија:
University of Bath