Годинешното издание на најавтентичната културно-сценска манифестација кај нас ќе се одржи наредниот викенд, од 12 до 14 јули, во живописниот Галичник. Неколку илјади домашни посетители и странски туристи повторно ќе уживаат во атрактивното доживување кое го нуди овој единствен настан од ваков вид. И годинава СКОПСКО и другите брендови на „Пивара Скопје“ се дел од настанот, продолжувајќи го традиционалното партнерство со „Галичка свадба“, кое годинава одбележува половина век, а трае од самите почетоци на манифестацијата.
Сликовитите падини на планината Бистра и импресивниот Галичник повторно се сцена на која ќе бидеме сведоци на уникатните свадбарски обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора карактеристични за овој дел од нашата земја. Посебното внимание на љубопитните посетители ќе биде свртено кон галичката невеста Стефана Димитрова, која е по потекло од Галичник, и кон младоженецот Даријан Кочоски, кои судбоносното „да“ ќе го кажат в недела, на 14 јули. Годинешната невеста Стефана, преку своите родители, потекнува од познати галички семејства, а и двајцата млади и досега биле учесници на „Галичка свадба“.
- Најпозитивно при опсежните подготовки на манифестацијата, во текот на целата година, е што и по толку децении не спласнува интересот на младите да бидат дел од свеченостите, туку напротив, тој секоја година расте. Тоа е посебен знак дека успеваме во нашата мисија да ги одржиме витални нашите обичаи и вредностите на традицијата која сме ја наследиле и ја пренесуваме на следните генерации - рече претставникот на организаторот, Месната заедница Галичник, Александар Костиќ, и додаде дека со поддршката од долгогодишните партнери Галичник е подготвен на сите посетители и годинава да им ја презентира богатата и уникатна традиција на која ѝ се восхитуваат сите што ја запознале.
Институционален покровител на „Галичка свадба“ е претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова. Тоа дополнително го истакнува значењето на оваа манифестација, која игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет. Еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата и годинава е Министерството за култура и туризам.
Ваквиот начин на обележување на „Галичката свадба“ првпат е одржан во далечната 1963 година, а досега настанот имал вкупно 50 изданија. Токму половина век од соработката со оваа манифестација годинава обележува „Пивара Скопје“, чија поддршка и брендови прераснаа во своевиден симбол на настанот.
- Во годината кога прославуваме 100 години СКОПСКО, заедно со Галичка свадба обележуваме и 50 години соработка. А кога едно партнерство трае половина век, јасно е дека двете страни ги врзуваат исти вредности – негување и грижа за традицијата и зближувањето на луѓето во позитивни случувања и заедништво. Генерации ‘пиварци’ се горди на оваа поврзаност и што токму нашите брендови станаа симбол на оваа исклучителна традиција - рече Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата во „Пивара Скопје“, честитајќи им на младоженците Стефана и Даријан и посакувајќи им здравје, среќа и бериќет.
Традиционално, почетокот на свадбениот обред, вечерта в сабота, 13 јули, ќе го означи побратимот со „фрлање“ три пушки и со виорење и поставување на свадбениот бајрак. Вечерта продолжува со преостанатите обичаи – пречек на тапаните, кои два дена ќе ечат низ Галичник, Свекрвиното оро, а членовите на НУ „Танец“ ќе го одиграат симболичното „Тешкото“. Секогаш импресивна е и глетката кога сватовите со борина в рака ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми кај опеаната „Упија“.
Денот на венчавката, недела, 14 јули, ќе го обележат атрактивните свадбени обреди и обичаи, меѓу кои таканареченото канење на мртвите, канењето на кумот, бричењето на зетот, бодинењето, гледањето низ прстен, пречекот на сватовите, земањето на невестата, дарувањето и други обичаи. Ѝ годинава пејачка група ќе ги изведува подзаборавените обредни песни. Венчавањето на младенците ќе се изврши во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со испраќањето на тапанџиите и зурлаџиите.
За обредниот дел од програмата ќе биде обезбеден пренос во живо, што ќе се емитува на екран поставен на платото пред чешмата Упија, а за оние што нема да бидат присутни на настанот, и на социјалните мрежи.
И за годинешната манифестација ќе биде воспоставен специјален сообраќаен режим, а организаторот и партнерите апелираат посетителите да консумираат алкохол одговорно, да не возат доколку пијат и да се грижат за околината и природата во уникатниот Галичник.
(Комерцијална објава)