Никотинот - хемиска состојка што се наоѓа во тутунот - влегува во телото секогаш кога пушите цигари. Во зависност од тестот за никотин, тој може да се открие во организмот и по една година по внесувањето.
Постојат различни видови тестови за никотин во организмот. Некои се прават со примероци од косата или урината, додека други се прават со примероци од плунката или крвта. Меѓутоа, повеќето тестови за никотин всушност не бараат присуство на никотин, туку еден од нуспроизводите на никотинот - котинин. Котининот е еден од дериватите на кои се разложува никотинот во организмот и обично останува во организмот многу подолго од никотинот.
Овие тестови може да препознаат и дали некој користи терапија за замена на никотин или активно пуши, а тоа е бидејќи го проверуваат и присуството на анабазин, соединение што се наоѓа во тутунот.
Кај лицата што не пушат, а биле опкружени со пушачи може да има присуство на никотин и котинин во телото, но количеството ќе биде значително помало.
Колку долго останува никотинот во организмот?
Според експертите, детектирањето на никотинот и котининот во крвта зависи од видот на тестот. Во крвта никотин може да се детектира до три дена по пушењето, а котинин до 10 дена.
Никотинот и котининот се детектираат во урината до три недели кај редовните пушачи, но до четири дена кај нередовните пушачи. Котининот е присутен во урината и од седум до десет дена по пушењето.
Фото: Pixabay
Никотинот и котининот остануваат во плунката околу четири дена. Никотинот може да остане во косата околу три месеци, но може да се препознае кај редовните пушачи и до една година по последното пушење.
Неколку фактори придонесуваат за задржувањето на никотинот во системот, како на пример колку често пушите. Почестите пушачи имаат повисока концентрација на никотин и котинин во
организмот. Освен тоа, постарите лица со послаб метаболизам, исто така, имаат повисока концентрација на никотин во телото.
На ова може да влијаат и одредени лекови што го забрзуваат или забавуваат метаболизмот. Побрз метаболизам значи дека побрзо ќе го исфрлите никотинот од вашиот систем.
Конечно, хормонските нивоа во телото може да имаат влијание - жените побрзо го исфрлаат никотинот од телото отколку мажите.
Доколку сакате побргу да го исфрлите никотинот од вашиот организам, експертите препорачуваат пиење вода, јадење здрава храна богата со антиоксиданси и храна што го забрзува метаболизмот, како портокали, моркови, кромид или лук.
Автор: Сара Филдинг
Извор:
insider.com