X
 19.11.2019 Здравје

Aерозагадувањето и пушењето најчести причини за хронична опструктивна белодробна болест

Се проценува дека 5 отсто од населението во државава, односно 147.000 луѓе би заболеле од хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ). Најчести причини за заболувањето се пушењето, аерозагадувањето и работа во несоодветни работни услови. Аерозагадувањето ја влошува состојбата кај пациентите со ХОББ, астма, а со пушењето има влијание и во однос на зголемувањето на бројот на пациенти што би добиле карцином на белите дробови. Не само мажи, туку и сè поголем број жени заболуваат од карцином на белите дробови, кај кои ПМ-честичките помали од еден микрометар се депонираат најдлабоко во дишните патишта и тие можат да бидат еден од факторите за болеста.

Ова денеска го истакна директорот на Универзитетската клиника за пулмологија и алергологија, Дејан Докиќ, на прес-конференција по повод одбележувањето на Светскиот ден на ХОББ. Тој препорача пациентите со ХОББ да носат маски кога излегуваат надвор, а аерозагадувањето е високо. Се предвидува идната година ХОББ да биде трета најчеста причина за смрт од сите болести во светот.

- Од Министерството за здравство добивме 3.500 маски кои им ги делиме на пациентите. Кога се дома, овие пациенти не треба да ги отвораат прозорците, редовно треба да ја земаат пропишаната терапија и да внесуваат голема концентрација антиоксиданси, витамин Ц и Е… Имаме податок дека 37 отсто од населението во државава пушат. Во сите развиени земји се води грижа за населението и го ограничуваат во однос на пушењето или ги стимулираат тие што не пушат. Според мене, уште од најмала возраст треба да се укаже на штетните последици од пушењето - рече д-р Докиќ.

Додаде дека во опаѓање е бројот на хоспиталните пациенти, а на амбулантските пациенти е ист.

Доктор Горица-Бришковска истакна дека и покрај терапијата што ја имаат на располагање и користењето на домашната оксигена терапија кај пациентите со ХОББ, во текот на годината има влошување на основното заболување и тие состојби може да бидат животозагрозувачки.

- Се смета дека годишно 30 отсто од пациентите во такви состојби доаѓаат на Клиниката и се поставуваат на неинвазивна терапија со позитивен притисок. Ова се апарати со чија помош пациентот дише под притисок одредена количина на воздух и притоа постигнуваме подобрување на нивото на кислородот во организмот, а од друга страна се елиминира јаглеродниот диоксид кој го има повеќе во организмот кај овие пациенти со тешка ХОББ - додаде д-р Бришковска.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје