X
 09.10.2022 Живот

Вруток - одлично место за семејни, бизнис и туристички посети

Во југозападниот дел на работ на Полошката Котлина се наоѓа едно од најубавите села во нашата земја, чиј заштитен знак се чистиот воздух, бистрата вода, речната пастрмка и гостопримството на луѓето. Доколку овие податоци на некој начин ве асоцираат на селото Вруток, воопшто не сте згрешиле.

Денес сме сведоци дека човекот е сѐ повеќе притиснат од секојдневните обврски и изложен на стрес кој го наметнува современиот начин на живеење, па секогаш има потреба од одредена доза на мир и спокој.


Последиците од наметнатото брзо темпо се непријатни, а често и го исцрпуваат нашиот организам, затоа секогаш кога имаме можност да трагаме по убави моменти, тие убави доживување можеме да ги почувствуваме во шарпланинското село Вруток. Ова село нуди интересен простор за одмор со вистински пријатели или релаксирани семејни дружења.

Оваа рурална населба располага со чист воздух, убава шарпланинска вода, еколошка храна, скриени пешачки патеки помеѓу околните листопадни шуми, неколку манастири, стара архитектура, легенди, преданија и многу други нешта. Сите овие вредности го прават селото привлечно за посета во текот на целата година.



Дополнителна предност е поволната географска местоположба и добрата географска поврзаност со градот Гостивар. Вруток е лесно пристапно место за посета поради релативно добрата инфраструктура. Од Скопје може да се стигне до селото по магистралниот пат М4 поминувајќи го градот Гостивар и наместо да се продолжи кон магистралниот пат кон Кичево и Охрид, се врти десно по локалниот пат каде што се поминува покрај селата Здуње, Равен и се стигнува до селото Вруток. На самиот влез ќе ве пресретне и ќе ја поминете хидроцентралата „Вруток“ а од левата страна се наоѓа манастирот „Св. Мина“ со рестораните во непосредна близина „Кај Симе“ и „Бигор“.

За гурманите, селото располага со голем број угостителски објекти каде што се служат традиционални и вкусни специјалитети. Убав поглед може да се долови од рестораните „Панорама“ и „Пронто“, каде што во пријатна атмосфера со вашите блиски може да го набљудувате изворот на реката Вардар и уникатните пејзажи, доколку сакате да го слушнете жуборот на водата додека уживате во вашиот омилен оброк, на располагање е ресторанот „Три Бурими“. Селото има неколку рибници каде што се одгледува различен тип риба. Пастрмката се приготвува на два начина, отворена, исчистена од сѐ и со извадени коски, и на затворен начин. Во рестораните, доколку имате желба, можете сами си ја одберете рибата што ќе ви ја приготват и за кратко време ќе се најде на вашата трпеза. Приготвувањето и сервирањето е главен адут за локалните угостители.



Освен рибата, на вруточкото мени може да се вкусат и месото под сач, печено јаре, шарпланинско овчо сирење, качамак, галички кашкавал и други традиционални јадења и десерти. Доколку почувствувате потреба од рекреација и имате желба за активност и трошење калории, има неколку патеки за пешачење. Особено се издвојува патеката која води од изворот на реката Вардар до градскиот парк во Гостивар. Оваа патека е популарна помеѓу локалните рекреативци и ја практикуваат за време на викендите. Друга патека води од селото Вруток преку селото Речане до селото Орќуше, за поупорните може да се продолжи со пешачење до одморалиштето Бунец во националниот парк Маврово.



Ако вашиот избор е разгледување на селото без подолги рекреативни прошетки, тогаш ви препорачуваме да ги посетите убавите манастири „Св. Мина“ и „Св. Архангел Михаил“, исламските Бекташиското и Шелериско теќе, Џамијата на сретсело или да го погледнете изворот на нашата најголема река Вардар. Исто така, во непосредна близина на селото се наоѓаат и археолошките локалитети Лазови, Бигор и Селиште.

Селото е поделено на седум маала, и тоа Горно или маџоско (маџалари) маало, Срејно или Рупадок, Долно мало, Ѓаковско, Шееско, Прекувардар и Баба Мусино. Доколку сакате да поразговарате со некои од мештаните, тие се пријателски расположени секогаш да ви раскажуваат многу легенди и преданија кои се поврзани со ова село. Дел од многуте легенди се поврзани со карпата која се вика Бабајстарец за камењата кои личат на скаменети баба и старец и за култниот невестински камен кој потсетува на скаменета невеста. За манастирската црква „Св. Мина“, која потекнува од средниот век, постојат многу легенди, но нека остане легендата поврзана со крстот во средновековниот манастир неоткриена и нераскажана во оваа статија. Нека приказната со крстот во „Св. Мина“ биде уште еден предизвик да одвоите време и да поразговарате со мештаните и на тој начин да ја задоволите љубопитноста за историјата, мистичните приказни и легенди поврзани со ова село.



Во минатото се организираа ученички екскурзии до селото, а главно беа разгледувани хидроцентралата и изворот на реката Вардар. Денес радува податокот дека секој викенд Вруток станува магнет за голем број гости од различни места од нашата земја, но исто така помногубројни се и туристите што доаѓаат надвор од границите на Македонија.


Автор на текстот и на сликите: Дарко Оносимоски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот