X
 09.12.2022 Живот

Постои причина зошто овошјето и зеленчукот се на почетокот во продавниците, а млекото на крајот

Ако некогаш сте влегле во супермаркет да купите една работа и сте излегле со количка полна со други работи, не сте сами.

Продавниците користат паметни начини да ги натераат клиентите да трошат повеќе. Не е случајно што поскапите намирници обично се наоѓаат на полиците точно на висина на очите.

Исто така, не за џабе многу цени завршуваат на 99. Бидејќи сме навикнати да читаме од лево кон десно, нашиот мозок го игнорира 99 и ја заокружува цената. Наместо нешто што чини 3,99 денари да го сметаме дека е 4 денари, поверојатно е дека ќе имаме впечаток дека чини 3 денари.

Исто така, производите се стратешки наместени. Кога ќе влезете во продавницата, тешко дека ќе ја пропуштите можноста да ја наполните вашата корпа со разнобојни овошје и зеленчук, што изгледаат екстра свежо. За нивната тежина, а со тоа и за повисока цена, придонесува и честото прскање со вода.

prodavnica
Фото: Freepik

- Секој дел за производи има тенденција да биде театрално осветлен, така што сè изгледа подобро во продавницата отколку кога ќе го донесете дома. Речиси секој супермаркет знае дека ќе купите повеќе ако успее да ги поттикне вашите плунковни жлезди да работат - вели Пако Андерхил, автор на книгата „Зошто купуваме: Науката зад шопингот“.

Кaко што тврди Андерхил, пекарскиот дел обично е блиску до вратата од истата причина. И ако првото нешто што го правите е да ја наполните корпата со краставици, јаболка и други здрави опции, можеби ќе почувствувате дека имате право да земете нешто помалку здраво за јадење додека се движите низ продавницата.

Супермаркетите имаат методи да ве натераат да поминете низ што е можно повеќе оддели кога купувате. Еден од нив е поставување на делот за млечни производи во задниот дел од продавницата, така што секој клиент со млеко, јајца, путер или некоја друга основна млечна храна на списокот ќе мора да помине многу други делови додека купува.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот