Познато е дека овошјето и зеленчукот се полни со разни витамини, минерали и антиоксиданси. И кај свежите плодови постои здравствен ризик во облик на количината на пестициди што ги содржат. Поради тоа, сега повеќе од кога и да е освестените купувачи настојуваат да купуваат органски производи, во надеж дека продавачите не ги лажат.
Извештајот на американската Еколошка работна група (EWG) за 2019 година нуди листа со плодови кои содржат најмногу пестициди, како водич за купувачите да купуваат што поздраво овошје и зеленчук.
Најмногу пестициди, според нивната листа, содржат јагодите. Тоа е случај веќе четврта година по ред. Конвенционално одгледуваните јагоди имаат 7-8 различни пестициди по грам, а најзагадениот примерок има 23 вида. На високо место годинава е и кељот. Во ова тестирање 90 отсто од примероците на кељ содржеле остатоци од пестициди, а во најзагадениот примерок се најдени 18 пестициди.
Најзагаденото овошје и зеленчук, по ред, според количините на остатоци од пестициди, се јагодите, спанаќот, кељот, нектарината, јаболкото, грозјето, праските, црешите, крушките, доматите, целерот и компирите.
Зошто пестицидите се толку опасни?
Пестицидите вклучуваат хемикалии кои се користат за заштита на билките од болести. Потребни се повеќе истражувања за да се разбере улогата на овие хемикалии во општото здравје и многу е важно луѓето да внимаваат што јадат.
Консумирањето на органските производи е поврзано со помал ризик од заболување од карцином, покажува студија во која биле вклучени речиси 70.000 возрасни Французи и која покажала дека консументите на органска храна имале 25 отсто помал ризик за заболување од карцином на дојка, простата, дебелото црево и на кожа.
Плодовите со тенка кора содржат повеќе пестициди
Некои луѓе велат дека пестицидите не им можат ништо затоа што би требало да изедат огромна количина јагоди или кељ за тоа да претставува ризик за здравјето. Но, треба да се има на ум дека не јадеме само еден вид овошје или зеленчук од листата, туку неколку и така ризикот е поголем. Секако дека треба да јадеме што е можно повеќе овошје и зеленчук, но важно е да се обидеме да го правиме најдоброто додека научниците не ни ги објаснат ризиците за здравјето.
Постои и друга листа со 15 чисти производи во кои има мали количини на пестициди. На таа листа се авокадото, слатката пченка, ананасот, смрзнатиот грашок, кромидот, папајата, модриот патлиџан, аспарагусот, кивите, зелката, карфиолот, дињата, брокулата, печурките и други. Општо земено, плодовите со тенка кора содржат повеќе пестициди бидејќи тие полесно продираат
подлабоко.