Лоша вест за мажите со брада. Научниците откриле дека во брадата на мажите се наоѓаат бактерии. Половина од нив се опасни за здравјето на луѓето и на брадата има повеќе бактерии отколку во крзното на кучињата.
Со ова истражување научниците сакале да утврдат колкав е ризикот на луѓето да се заразат со некоја кучешка болест.
За истражувањето, објавено во магазинот „Јуропијан радиолоџи“, научниците во неколку европски болници анализирале примероци од кожа и плунка од 18 мажи со брада на возраст од 18 до 76 години и примероци од крзното и плунката на 30 кучиња, од шнауцер до германски овчар.
- Научниците откриле значително повисоко ниво на бактерии кај примероците од машка брада отколку кај крзното од кучиња - изјави професорот Андреас Гуцајц од швајцарската клиника „Хирсладен“.
Со тестирањето бил откриен висок процент на бактерии во брадите кај мажите, кој бил еднакво висок со процентот пронајден кај 23 од 30 кучиња вклучени во истражувањето. Кај седум мажи биле пронајдени бактерии што претставувале сериозна закана за здравјето на луѓето.
Фото: Ilustracija
Станува збор за „Enterococcus faecalisu“, цревна бактерија што најчесто предизвикува инфекции на уринарниот тракт кај луѓето и неколку случаи на „Staphylococcus aureusa“, бактерија што најчесто се наоѓа на кожата или слузокожата кај 50 отсто од луѓето, но може да предизвика сериозни инфекции ако се најде во крвотокот.
Интересно е и тоа што на скенерите на МРИ, откако ги користеле кучињата, имало значително помалку бактерии отколку откако ги користеле луѓето.
Истражувачите го спровеле тестирањето на кучиња што нивните сопственици ги носеле на рутински прегледи на магнетна резонанција во обид да детектираат потенцијални нарушувања во мозокот или 'рбетот.
Со оглед на тоа што МРИ-скенерите се прескапи за повеќето ветеринарни амбуланти, тестирањата биле спроведени на Одделението за радиологија на една европска болница која секоја година врши околу 8.000 снимања.
И покрај големиот број бактерии што се наоѓаат во брадата на мажите, научниците истакнале дека со истражувањето не сакаат да им порачаат на мажите веднаш да се избричат, туку нивната намера била да ја предупредат администрацијата на болницата дека пациентите оставаат многу повеќе потенцијални заразни бактерии на различни болнички површини и дека нивната стерилизација и дезинфекција не е доволна за решавање на овој проблем.
Треба да се фокусираат на клучната точка на истражувањето - недоволна болничка хигиена поради која пациентите можат да се најдат во ризик.
- Централното прашање што треба да се постави не е дали на кучињата треба да им се дозволи МРИ-снимање во болничките установи, туку треба да се насочи на знаењето и перцепцијата на хигиената и да се сфати што всушност претставува опасност за
пациентите - велат авторите на истражувањето.