Да се сака животот, да се вреднуваат семејството и пријателствата и да се инвестира во науката и развојот на технологиите, но најмногу од сѐ, да се чува јавното здравје, се генералните неколку работи на кои, според универзитетските професори, базично нѐ научи пандемиската 2020 година
Онлајн-предавања, полагања испити на далечина, онлајн-дипломирања, одбрана на магистерски или докторски трудови... До претходно сето ова беше условено со лично појавување и претставување на студентите и професорите, но 2020 година, кога во фокусот беше зачувувањето на индивидуалното и колективното здравје, го смени и начинот на функционирање на студентите и професорите на факултетите низ земјава.
Компјутерските вештини беа предизвик за професорите, но и за студентите, па мораа да се учат на „новите“ образовни форми и на новите предизвици што многу брзо се менуваа.
Токму на почетокот од оваа година прашавме неколкумина професори што нѐ научи 2020 пандемиска образовна година.
Да се сака животот, да се вреднуваат семејството и пријателствата и да се инвестира во науката и развојот на технологиите, но најмногу од сѐ - да се чува јавното здравје...
Велат дека секој има, на еден или на друг начин, свои приоритети, но општ предизвик се јавното здравје и свеста дека општеството и во вакви услови може да се развива и да се менува на подобро.
Научната фела оценува дека од оваа пандемија можат да се извлечат поуки во многу сфери, но најважни се придобивките во образованието, науката, здравството и општествената одговорност.
Предизвик: Чување на македонскиот јазик
Професорката Елена Јованова-Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, вели дека пандемиската 2020 година нѐ научи дека човечкиот живот е најважен.
- Зачувувањето на здравјето и безбедноста на учениците, на студентите, на професорите и на помошниот персонал мора да остане приоритет во образованието. Затоа имаме настава на далечина. Во овие специфични услови треба да знаеме што добро може да извлечеме од наставата на далечина. Новиот модел на настава забрзано се развива и се виде дека е возможен. Се покажа дека сме приспособливи како луѓе, а како држава сме способни да се справиме со предизвикот на новиот вид настава во услови на светска пандемија. Се покажа дека сме во чекор со развиениот свет. Сметам дека се одговори на соодветен начин на промените што се случија со молскавична брзина. Брзо сфативме дека и вака може да се функционира. Светот се промени преку ноќ. Никогаш повеќе нема да биде ист како што беше - посочува таа.
Проф. Елена Јованова-Грујовска / Фото: Јутјуб РСЕ, принтскрин
Според неа, исправени сме пред ретка можност да го редефинираме образованието за сите.
- На овој начин студентите можат да го избираат темпото што им одговара за извршување на академските обврски. Наставата на далечина може да овозможи почеста комуникација меѓу студентот и професорот отколку во преполн амфитеатар. Со учењето преку проекти може да се случи и вклучување на студентите во стопанскиот и општествениот живот. Развивањето компјутерски и интернетски вештини е важно за идниот кариерен развој. Студентите и учениците се подготвуваат за работа на далечина. Многумина развиваат вештини за водење онлајн-курсеви, дигитална комуникација, соработка и работа на проекти. Факултетите и училиштата, доколку работат како што треба, всушност ги подготвуваат студентите и учениците за работа во иднината. Предавањата за студенти на светските стручњаци од одделни подрачја стануваат подостапни и полесни за организирање. Во вакви услови, за лингвистите станува предизвик зачувувањето на т.н. мали јазици, во кои спаѓа и македонскиот - додава Јованова-Грујовска.
Според неа, ниеден студент не смее да биде доведен во ситуација да не може да следи настава или да полага испити, па и да изгуби година поради затворањето на високообразовните институции.
- Личниот контакт останува исклучително важен и не треба да се занемари во овој период, што е тест со многу предизвици. Психолошката и социјална поддршка останува битна, за многумина неопходна. Очекувам овие генерации студенти и ученици да бидат авангардата која во иднина ќе ги направи најголемите промени за човештвото - заклучува професорката.
Да не се занемари емотивната страна на личноста
Професорката Лена Дамовска од Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет вели дека соочени со актуелната ситуација во образованието, повторно ја согледуваме важноста на социо-емоционалната димензија во нашата професија.
- Ми недостига енергијата на моите студенти, нивната непосредност, нивните размислувања и дискусии, повратната информација, нивниот feed back. Стануваме свесни дека технологијата не е совршена замена за човечкиот контакт. Дигиталните платформи нудат големи можности за осовременување на наставата, но природата на студиите на Филозофскиот факултет е поинаква. Не постои начин да се надополни празниот простор за научно-теоретска елаборација на многубројните теми во студиските програми- вели таа.
Проф. Лена Дамовска / Фото: Приватна архива
Сепак, смета дека многубројните електронски пристапи во реализацијата на наставата нѐ инспирираат, нѐ поттикнуваат на размислување за можноста за менување на она што со децении се чини дека е неменливо.
- Сигурна сум дека и на моите студенти им недостигаат физичката комуникација и присуството на предавањата и на вежбите. Сите заедно се соочуваме со истите предизвици и тешкотии. Стануваме свесни за холистичката слика и значењето на феноменот на активна партиципација во воспитно-образовниот процес и тоа еднакво на сите степени на образование. Сто години од појавата на алтернативните модели во педагогијата (Монтесори-педагогија, Валдорф-педагогија), повторно стануваме свесни за потребата од афирмација на значењето за негување на умот на детето, но и на неговата душа. Образованието на иднината не смее да ја занемари емотивната страна на личноста. Не случајно, така како што денес е поставено, масовното образование, постојано е изложено на критики и потреба од преиспитување - објаснува професорката Дамовска.
Онлајн-наставата е целосно нова образовна парадигма
Професорот Иван Чорбев, декан на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ, вели дека пандемијата беше и е ужасна и сосема ни ги смени животот и работата.
Проф. Иван Чорбев
- Образованието мораше да претрпи итна и темелна реформа – да се реализира без физички средби професор- студенти. Тука бевме сведоци како ИТ-технологијата веднаш дојде на помош и обезбеди механизам за онлајн-настава. Онлајн-наставата доаѓа со многу ограничувања (отсуството на физичка интеракција, потешко реализирање испити, потешко задржување концентрација), но и со некои предности (се создаваат видеоматеријали кои може да се прегледаат во секое време и по повеќе пати, едукативни игри и други алатки кои можат да внесат свежина и новина во образованието). Но, она што го научивме во целата работа е дека онлајн-наставата не е само префрлање на истите слајдови од училница кон видеострим, туку целосно нова парадигма за која се потребни обуки на наставниот кадар и поинаков приод во работата за да се искористат мноштвото онлајн-алатки и механизми за постигнување на саканиот ефект и квалитет - објаснува професорот Чорбев.
Образованието не може и не треба да трпи
Професорката Македонка Радуловиќ од Институтот за семејни студии при Филозофски факултет во Скопје смета дека основната порака што сите можеме да ја извлечеме од пандемијата на коронавирусот е потсетувањето дека семејството е најважното нешто што го поседуваме.
- Семејството е најцврст столб, најсигурно прибежиште кога сѐ друго е неизвесно. Извор на забава, грижа, љубов и поддршка кога ништо друго не ни е достапно. Исто така, научивме дека здравјето не претставува само право кое треба да ни го гарантира државата, туку и обврска на секој од нас да се грижи за сопственото здравје, но и да ги заштити другите и јавното здравје - посочува таа.
Проф. Македонка Радуловиќ / Фото: Приватна архива
Според неа, годинава се потсетивме на Толстој и неговото: „Сите среќни семејства наликуваат едно на друго, секое несреќно семејство е несреќно на свој начин.“
- За среќните семејства овој период беше време на многу заеднички моменти, дружење, играње со децата и откривање забава во домот. Многу семејства, пак, се соочија со тешка економска состојба, здравствени кризи, загуби во семејството, семејно насилство итн. Ваквите семејства уште еднаш ја покажаа потребата од структурирана општествена поддршка - посочува Радуловиќ.
Што се однесува до образованието, професорката вели дека научивме оти образованието не може и не треба да трпи.
- Како факултет, сфативме колку технолошкиот развој и ИТ-опремата се важни за образовните институции. Како професори, дека освен во нашите области, континуирано треба да се надградуваме и да бидеме во тек со технолошкиот напредок. Како родители, дека сме клучна алка во образованието на нашите деца и нашата поддршка е неопходна.
Овој период беше навистина тежок за сите нас, но како што рекол креаторот на современата педагогија Јохан Хајнрих Песталоци: „Човештвото учи од страдање“ , затоа верувам дека изминатиов период научивме многу и дека ова искуство ќе нѐ направи посилни како луѓе, но и како општество -додава Радуловиќ.
На студентите можеме и да се потпреме
Професорката Соња Топузовска, декан на Медицинскиот факултет во Скопје, вели дека во оваа пандемиска образовна година Медицинскиот факултет сосем успешно и брзо се приспособил на новонастанатите услови на изведување на наставата и спроведување на испитите.
- Уште од минатиот семестар теоретската настава непречено се изведува преку средствата за електронска комуникација, поконкретно на платформата „Мајкрософт тимс“, каде што и поголемиот дел од практичната настава се одвиваше и сè уште се одвива со снимени видеоматеријали во лабораториите за базичните предмети и прикази на пациенти и состојби за клиничките предмети. Дел од практичната настава се одвива со физичко присуство на студентите, за што веднаш беа преземени сите заштитни мерки за нејзино безбедно одвивање. Испитите во најголем дел се спроведуваат преку средствата за електронска комуникација, а онаму каде што се изведуваат со физичко присуство целосно се запазени пропишаните протоколи од страна на надлежните институции - посочува таа.
Проф. Соња Топузовска / Фото: Медицински факултет
Според неа, пандемијата ни даде шанса да научиме и нешто за посветеноста и пожртвуваноста на студентите и идни доктори благодарение на доброволното пријавување на голем дел од студентите запишани на 6. година студии по општа медицина во епидемиолошките служби, со што несебично го дадоа свој придонес во сегментот на спроведувањето на епидемиолошките анкети.
- Со активното учество на доброволна основа во рамките на ковид-центрите во јавните здравствени установи на интерните клиники студентите беа директно вклучени во борбата со пандемијата, со тоа што помагаа во лекувањето на ковид-пациентите како дел од формираните специјалистички тимови, а секако под надзор на вработениот кадар на овие клиники. Тие со ова ја покажаа својата посветеност на студиите и својата хуманост. Со ваквиот ангажман од нивна страна, исто така, покажаа дека здравствениот систем може да се потпре на студентите од факултетот. Оттука, Медицинскиот факултет успешно и соодветно одговори на предизвиците со кои се соочивме во услови на пандемија! - објасни Топузовска.
Високообразовната сфера станува глобална
Професорот Александар Спасеновски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје
посочува дека натамошната забрзана динамизација на процесите на дигитализација на високото образование е една од најголемите новини во образованието во светот денес.
- Доколку пред појавата на пандемијата на Ковид-19 директното „лице в лице“ студирање доминираше наспроти виртуелната настава, нејзиниот крај извесно е дека ќе го дочекаме во обратен сооднос. Позитивната страна на овој процес е што високообразовната сфера полека станува целосно глобална, наддржавна и многу подостапна. Новите генерации матуранти, од удобноста на својата детска соба, можат да одлучат дали ќе студираат на некој американски или на некој македонски универзитет. Од друга страна, пак, како и во некои други сегменти, овие процеси ќе ги стават на сериозен тест локалните национални универзитети кои, излегувајќи на глобалниот пазар, ќе треба да се приспособат за да продолжат да бидат избор за нечие студирање - објаснува Спасеновски.
Проф. Александар Спасеновски / Фото: Приватна архива
Смета дека Правниот факултет, но и целиот Универзитет, антиципирајќи ги овие околности, многу брзо се приспособи овозможувајќи целосно онлајн-студирање.
- Независно од ваквата нова реалност, сметам дека во меѓувреме уште повеќе се зацврсти впечатокот дека личниот однос студент-професор е многу тешко заменлив, независно од развојот на технологијата и можностите што со неа се отвораат. Имено, тажното чувство што се раѓа кога во овие предновогодишни денови ќе ги видиме празните холови и амфитеатри многу тешко може да биде компензирано од страна на виртуелните училници на Webex, Zoom или на Teams. Во очекување на крајот на пандемијата, верувам дека следната 2021 година ќе можеме одново да ги откриваме тајните на класичните предавања, секако, паралелно користејќи ги и новите можности на информатичката технологија - додава професорот.