X
 19.01.2017 Култура

Човекот што фотографирал мисли и соништа

Госпоѓата Дарже прилегнала на креветот во работната соба на нејзиниот сопруг за да се одмори, кога тој ѝ пришол, држејќи во раката кутија со фотографски плочи.

„Ќе ја изгаснам ламбата и ќе се обидам да направам флуидна снимка над сопственото чело“, ѝ рекол тој, според неговите зборови, Луј Дарже. „Ќе ти дадам плоча и ти да го направиш истото.“

Следејќи ги неговите упатства, госпоѓата Дарже ја држела плочата на растојание од 2,5 сантиметри, а во мракот очите ѝ се затвориле. Се „пробудила“ кога врз лицето ѝ паднала студена и мазна плоча, пишува Би-би-си.

Утредента, францускиот командант влетал во собата на неговата сопруга со развиена фотографија во рацете. Под нејасната дамка со облик на птица, напишал: „Фотографија на сон. Орел.“

Тоа била фотографија со која го увериле Луј Дарже дека направил успешна снимка на мисли проектирани од човековиот мозок. Во писмо од 1904 година кон Француската академија на науките, тврдел дека методот може да открие што се случува во човековиот ум.

1
Фото: IGPP

На преминот од 19 кон 20 век, експериментите на Дарже биле согласно тогашните трендови. Десет години претходно, германскиот физичар, Вилхелм Рентген, прв ги опишал рентенските зраци, со помош на кои ги снимил коските од дланката на неговата сопруга. Набрзо после тоа, Пјер и Марија Кири ја докажале радиоактивноста на полониумот и радиумот.

Светот одненадеж бил преполн со необични и невидливи феномени што би можеле да се откријат со помош на таа технологија. Во почетокот на 1900 години, фотографијата била прозорец во дотогаш невидената свест.

Неговото откритие, Дарже го нарекол „В“ зраци (витални зраци), односно, „човечко зрачење“ во облик на мисли.

„Кога човечката душа ќе произведе мисла“, пишувал Дарже во 1911, „испраќа вибрации преку мозокот, а фосфорот што тој го содржи почнува да зрачи и зраците се проектираат надвор.“ 

За да можел да ги сними тие зраци, Дарже развил „преносен радиограф“ што се состоел од фотографски плочи прикачени на лента за глава. Поставен на челото на „моделот“, уредот произведувал апстрактни, заматени слики, што Дарже ги толкувал.

Меѓу доказите што ги собрал, биле и фотографијата „Сон за орелот“ на неговата сопруга, сликата „шишиња, други шишиња и стап“. Тоа што госпоѓата Дарже не се сеќавала дека сонувала орел во текот на експериментот „сон за орелот“, за него немало значење.

Имајќи ја предвид недофатливоста на значењата, можеби не е изненадувачки што соодветните истражувања биле поврзани со натприродни сили. Дарже и неговите современици го користеле зборот „зрак“ за да му дадат научен легитимитет на нивното дело, но го комбинирале со приказни за душите и „виталните сили“. Дарже бил убеден дека неговиот труд има научен карактер, за што потврдува неговата преписка со Академијата и поддршката од поедини медицински стручњаци.

мисли
Фото: IGPP

Меѓутоа, се покажало дека облиците на фотографиите се резултат на слабото растворање на емулзијата за развивање на фотографиите и од топлината на човечката кожа. Проверката на овие тврдења првично ги потврдила принципите на Дарже – кога плочата би се поставила врз тело на покојник, не се јавувале никакви облици. Меѓутоа, кога би се загреале на температура на човечкото тело, би се појавиле истите шарки како и кај жив човек.

Но, не бил тука крајот на обидите да се фотографираат мисли. Во текот на годините, многу самопризнати физичари тврделе дека откриле начин како да ги снимат сопствените мисли, а во 21 век се појавила нова генерација фотографи на мисли, научници што се потпирале на сложена машинерија.

Функционалната магнетна резонанца (fMRI) се смета за пионерска алатка за мапирање на внатрешните процеси во човековиот мозок, што недвосмислено постојат.

Меѓутоа, некои научници сметаат дека со правењето снимки на протокот на крвта низ различните делови од човековиот мозок и идентификувајќи соодветни модели на размислување, би можеле да ги читаме човековите мисли. Желбата дефинитивно да се идентификува одреден модел, некои научници ја сметаат за фикс-идеја, а во прилог на тоа зборува една студија што укажала на висок процент на грешки во програмите за анализа на снимките „MRI“, а со самото тоа и на можноста да бидат откриени мозочни активности кога ги нема.

На многу начини, „fMRI“ е многу оддалечен од смешните експерименти што ги изведувал Дарже, но постојат одредени сличности, а основната е во желбата човекот да го разбере мозокот – особено човековиот.

Човекот што фотографирал сон 2
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура