X
 10.09.2019 Живот

Амазонските земји склопија сојуз против уништувањето на прашумите

Земјите од Амазонија ги објавија мерките за заштита на најголемата светска прашума по разорните шумски пожари кои предизвикаа загриженост во целиот свет.

Седумте земји, кои се состанаа во Колумбија, се договорија да ја интензивираат соработката против причинителите на дефорестацијата, како што се илегалното рударство, илегалното сечење на шумите за поледелство и шверц на дрога, истакна колумбискиот претседател Иван Дуке.

Договорот, кој беше потпишан на самитот, исто така вклучува информативна мрежа со цел спречување на катастрофа; зголемено сателитско следење на дефорестацијата; промоција на истражувањата и образованието; зголемено учество на автохтоното население со цел поттикнување на одржливото користење на прашумите.

Дуке додаде дека амазонските земји сакаат да бидат поддржани од мултилатерални банки.

Самитот се одржа во време кога Бразил е под удар од меѓународни критики поради илјадниците шумски пожари кои оваа година опустошија 60 отсто од Амазонија. Пожарите се проширија по мерките на претседателот Жаир Болсонаро да отвори поголем дел од прашумите за рударство и поледелство, со сателитски податоци кои посочуваат дека дефорестацијата рапидно се зголемува на едно од најголемите подрачја во светот во однос на биодиверзитетот и богатството со јаглен.

На самитот беа и претседателите на Перу, Еквадор и на Боливија, потпретседателот на Суринам, бразилскиот министер за надворешни работи и министерот за природни извори на Гвајана. Болсонаро не беше присутен поради неодамнешна операција, но учествуваше преку видеолинк.

Неодамна групата Г-7 вети 20 милиони долари итна помош за Бразил.

Освен Бразил, пожарите погодија и делови од Амазонија во другите земји и останати шумски екосистеми во регионот.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот