Сакате нешто да помните долго време? Комбинирајте го со некакво позитивно искуство или награда, а потоа наспијте се. Ова е заклучокот што може да се извлече од експеримент спроведен од истражувачи од Универзитетот во Женева, Швајцарија.
Претходни истражувања покажале дека спиењето му помага на мозокот подобро да ги задржи спомените, претворајќи ги од краткорочни во долгорочни спомени. Истражувачите сакале да дознаат како мозокот ги одбира спомените што ќе ги зачува долгорочно.
Фото: Pixabay
Тие спровеле експеримент со 18 лица кои играле различни игри, кои биле направени така што учесниците што победуваат веруваат дека тоа е поради нивните напори, а не поради случајна среќа. Потоа, на учесниците им биле дадени закуски и биле испратени да спијат додека се снимала нивната мозочна активност.
Истражувачите откриле дека испитаниците што победиле во сите игри одново ги доживувале искуствата за време на сонот. Истражувачите заклучиле дека кога одредена активност се поврзува со награда, што во овој случај е победа, мозокот ја зачувува во долгорочната меморија за време на спиењето.
Фото: Pixabay
Како може да го искористиме овој заклучок? Џони Томсон од „Оксфорд фаундри“, програмата за претприемачи на „Оксфорд“, препорачува комбинирање на нови информации со пријатни искуства, како јадење многу вкусно чоколадо додека учите. Мозокот ќе ги поврзува двете и ќе ги зачува информациите во долгорочната меморија.
Доколку сакате некој друг да запомни нешто, може да му помогнете со тоа што ќе направите игра во која лицето може да победи или ќе го наградите со подарок или пофалба, препорачува „Инк“.
Извор:
Inc