X
 10.11.2022 Живот

Студентите ќе добијат субвенциониран оброк следната недела, а тој ќе биде покачен од 120 на 140 денари

По неколку недели неизвесност од стартот на академската 2022/2023 година, студентите ќе го дочекаат конкурсот за субвенциониран оброк.

Според последните информации, субвенционираниот студентски оброк студентите ќе го добијат во втората половина на ноември, откако следната недела ќе бидат изгласани законските измени на Законот за субвенциониран оброк.

Изготвувањето на предлог-законот со кој требаше да се продолжи исплатата на оброк за годинава заврши пред два месеца, но дури сега доби разврска во Собранието.

Измените на Законот ја поминаа Комисијата за образование и веќе се испратени до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој треба да го стави на дневен ред.

- За 16 ноември имаме закажано пленарна седница и ќе видиме дали претседателот ќе го стави законот на дневен ред. Најверојатно тоа ќе се случи на таа седница. Бидејќи законот се носи по скратена постапка, студентите нема да загубат многу. А се надевам дека и колегите од опозицијата ќе го поддржат. Убедена сум дека со измените ќе им биде подобро на студентите - истакна за Факултети.мк, Жаклина Лазаревска, претседател на Комисијата за образование, наука и спорт во Собранието.

Таа најави и измени во делот на висината на субвенцијата, која сега изнесува 120 денари, односно зголемување на 140 денари според нивниот предлог.
Зголемување на субвенционираниот студентски оброк побара и опозициската ВМРО-ДПМНЕ од 120 на 160 денари и исплата на средствата по принцип како и минатата година. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе предлог-закон за зголемување на субвенциите и ова барање најверојатно ќе биде делумно прифатено во измените на Законот, кои на 16 ќе се најдат пред пратениците, а ги иницираше пратеничката на ЛДП, Моника Зајкова.

Пратениците се надеваат дека овој пат законот ќе биде имплементиран како систем, како што беше предвидено кога се донесе пред две години.
Според Законот донесен во февруари 2020 година, субвенционирањето требаше да се врши во точно утврдено време во текот на денот и месецот, а даватели на услуги требаше да бидат регистрирани даватели на студентски оброк избрани на јавен повик, кои оброците би ги продавале по цени за најмалку 10 отсто пониски од редовните цени.

Лани студентите ги добиваа средствата за оброк на своите трансакциски сметки и тие пари можеа да ги користат каде било во земјава без ограничувања и кај кој било трговец, без разлика дали продава храна или не.

Во академската 2020/2021 МОН издвои околу 15 милиони евра за исплата на оброкот за над 20.000 студенти, а помошта се однесуваше за периодот од 15 септември до 30 јуни.

Лани право на субвенциониран оброк имаа сите редовни студенти запишани на додипломски студии на државните и приватните универзитети. За да добијат оброк, студентите треба да не се во редовен работен однос, да не извршуваат дејност регистриран земјоделец и да немаат месечни приходи повисоки од минималната плата.

Откако ќе се усвојат измените на Законот за субвенциониран оброк, МОН веднаш ќе го објави конкурсот на кој ќе можат да аплицираат студентите.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот