Тинејџерите помалку користат марихуана во земјите каде што нејзината употреба не е забранета, покажува најнова американска студија.
Истражувачи од Универзитетот во Монтана користеле податоци за средношколци во периодот од 1993 до 2017 година.
Иако сè повеќе млади лица во Америка користат некаков вид дрога, таму каде што употребата на канабисот е дозволена за користење за рекреација бројот на тинејџери што ја користат е намален за 10 отсто.
Во 33 сојузни држави во САД е легализирана употребата на канабисот за медицински цели, додека во десет држави е дозволена и рекреативна употреба. Во сите држави употребата на канабисот и понатаму е забранета за лица помлади од 18
години.
Шефот на тимот од истражувачи, Марк Андерсон, истакна дека студијата би требало да ја намали загриженоста дека употребата на канабис меѓу младите ќе се зголеми.
Истражувачите анализирале податоци за 1,4 милион тинејџери во Америка, кои ги собира американскиот Центар за контрола и превенција на болести.
Андерсон вели дека на тинејџерите обично им е потешко да купуваат од лиценцирани продавачи кои од купувачот бараат да покаже лични документи и да докаже дека е полнолетен отколку од дилер, што делумно и го објаснува падот на бројот на корисници.
Резултатите од новата студија се совпаѓаат со резултатите од претходно истражување кое покажало дека меѓу младите во Вашингтон е намален бројот на корисници на канабис откако оваа држава ја легализирала употребата во 2012 година.
Сепак, истражување објавено лани во Колорадо покажа дека таму нема значителна промена на бројот на тинејџери што рекле дека користат канабис, иако употребата за рекреација е дозволена уште од 2014 година.