Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) првпат одобри користење на лек кој е направен на основа на канабис. Лекот „Епидиолекс“ беше препорачан за одобрување од страна на советодавна комисија уште во април, но агенцијата дури оваа недела донесе одлука.
Оралниот раствор е одобрен за употреба кај пациенти кои имаат две или повеќе години и истиот служи за лекување на два типа епилептични синдроми: Драве синдромот, кој е нарушување на нервниот систем кое се јавува во првата година од животот и Ленокс-Гасто синдромот, кој е форма на епилепсија со повеќе типови на напади кои може да почнат во раното детство, обично на возраст меѓу три и пет години.
Според
соопштението од британската компанија „GW Pharmaceuticals“, која го произведува лекот, ова е првата фармацевтска формулација од прочистен канабидиол и првата формулација во нова категорија на анти-епилептични лекови.
Канабидиол е една од повеќе од 80 активни канабиноидни хемикалии, која не е како тетрахидроканабинолот, или ТХЦ, од која „се лета“.
ФДА има одобрувано синтететички верзии од некои канабиноидни хемикалии најдени во марихуаната за други цели, вклучително и за ослободување од болките кои ги предизвикува ракот.
Фото: Pixabay
Џастин Говер, извршен директор на „GW Pharmaceuticals“, рече дека ова е првиот и единствен лек одобрен од страна на ФДА со кој се лекуваат тешки епилепсии кои се јавуваат во детството.
-Овие пациенти заслужуваат и наскоро ќе имаат пристап до канабиноиден лек кој детално беше проучен во клиничките испитувања, произведен да обезбеди квалитет и доследност - рече Говер.
Тој додаде дека лекот ќе биде достапен на есен, но не кажа информации за цената, наведувајќи само дека ќе се разговара со компаниите за осигурување и дека за тоа ќе се изјаснат подоцна.
Говер објасни дека има несакани ефекти од лекот, а најчестиот е поспаноста, но некои фармацевти посочуваат дека несаканите ефекти се јавуваат кога лекот се консумира со други лекови, а тоа е многу чест случај.
Според Говер, и во Европа се размислува за одобрувањето на лекот, а се очекува одлуката за тоа да биде објавена во првата четвртина од следната
година.