X
 11.08.2019 Наша тема

„Свети Спас“ храни 200 семејства, ЛГБТИ Ромите дискриминирани на повеќе начини, што стои во решението за казна на инспекторот Илиевски

Различни теми отворивме во неделата што измина. Горчливи се секојдневните проблеми на ЛГБТИ Ромите во земјава, што значи да се студира на Економскиот факултет во Скопје и какви можности имаат дипломците од овој факултет по завршувањето. Колку е важно поледелството за нашата земја, разговаравме со проф.д-р Зоран Димов од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје. Го посетивме отец Оливер во Драчево и зборувавме за хуманитарните мисии што секојдневно ги реализира со организацијата „Свети Спас“.


Понижени и навредувани од околината и со загрозени права и достоинство, Ромите од ЛГБТИ-заедницата секојдневно се соочуваат со пекол. „Немавме право да пиеме кафе во кафуле зашто сме Роми и геј. Не ни дозволија да седнеме“.
Ова е само еден од многуте примери што ги посочуваат ромските припадници на ЛГБТИ-заедницата кога тема се нивните права, односот на околината кон нив, но и односот во институциите, па и на целото општество кон нивната сексуална определба.
- Ни рекоа дека за цигански педери таму немало место и дека треба да одиме во гасна комора - велат тие.
Објаснуваат дека постојано се во вкрстен оган. Од една страна се сиромаштијата, невработеноста, сегрегацијата во речиси изолирани средини и нискиот степен на образование, а од друга страна се стигматизирањето поради нивната трансродовост и сексуална ориентација, што оди дури и до нееднаков третман во здравствените, социјалните и другите државни институции, па сè до лично деградирање.
Овие луѓе секојдневно се соочуваат со пекол. Велат дека се понижени, навредени и повредени, со згазен интегритет. Пекол се и омразата и несолените шеги што се прават на нивна сметка.


Просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски

Злоупотреба на доверливи податоци, неизвршување, несовесно, ненавремено или небрежно вршење на работните задачи се причините поради кои државниот просветен инспектор Ѓорѓи Илиевски доби дисциплинска мерка распоредување на непосредно пониско работно место, пишува во решението за изрекување дисциплинска мерка потпишано од директорот на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски.
Инспекторот Илиевски за Факултети.мк вели дека целата дисциплинска постапка против него е вршена незаконски, за што веќе презема мерки.
- Јас сум исто така жртва на мобинг, кој е пријавен и кај Народниот правобранител. Моите следни чекори се жалба за мојата дисциплинска постапка. Веќе поднесов прекршочни пријави за раководните лица на тетовскиот универзитет, а чекаме и каква ќе биде одлуката на Антикорупциската комисија за моите решенија во кои утврдив незаконско унапредување во наставно-научни звања на тројцата функционери Арбер Адеми, Агим Нухиу и Сафет Емрули - вели Илиевски.
Тој, од друга страна, вели дека во февруари оваа година од страна на директорот Спировски бил оценет со највисока оцена за неговата работа во 2018 година.
Во годишната оцена за работата на инспекторот стои „особено се истакнува“.


Студенти на Економскиот факултет од Скопје

Да се привлечат најдобрите ученици во земјава, бидејќи да се работи со најдобрите не е само привилегија, туку е и огромна чест, да се отворат студиски програми на англиски јазик и издавање двојна диплома се само дел од приоритетите на кои е посветен новиот декан на Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Предраг Трпески. Тој објаснува зошто Економскиот факултет од Скопје се издвојува од другите и како создаваат генерации кои лесно наоѓаат работа и се конкурентни на пазарот на трудот.

Проф. д-р Зоран Димов

Со зголемувањето на потребата од храна, со ресурсите што ги имаме, со самото тоа што потребите од најважните земјоделски производи ги увезуваме (маслото за јадење и шеќерот речиси 100%), со странските инвестиции што доаѓаат, а во последно време и современите текови кои донесоа новитети за нашето поднебје, на пример, легализацијата и одгледувањето на канабисот за медицински цели, потребата од земјоделски, но пред сè од поледелски стручен кадар е сè поголема, а за жал кадар нема доволно.

Затоа, како што вели проф. д-р Зоран Димов од катедрата за специјално поледелство, при Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје (ФЗНХ), сите треба сериозно да се фатат за работа која ќе придонесе за изготвување стратегија која ќе биде гарант за успешност во иднина – насочување на младите, кршење на стереотипите, рушење на табуата за оваа струка.

Патрик Мартенс

Нивните лични квалитети им донеле голем професионален успех. Денес тие се членови на менаџерски тимови и ги водат најуспешните компании во земјава. Ова се приказните на нашите успешни луѓе што ќе ги објавуваме во рубриката „По скалилата на успехот“. Факултети.мк и Едукативниот центар на „Пивара Скопје“ преку обуката „Вештини за успех“ ви го покажуваат патот до ѕвездите.
Особено е важно младите луѓе да ги користат можностите што ги нудат програмите за стипендирање. Не само што е одлична шанса да студираат во странство, туку и да се запознаат со нови образовни системи, култури и земји, вели Патрик Мартенс, директор на Делегацијата на германското стопанство во Северна Македонија и раководен член на Управниот одбор на Македонско-германското стопанско здружение. Во Скопје живее две и пол години. Ни раскажува за неговите студентски денови, за трансферот на факултет не само поради студиската прoграма, туку и поради потребата да замине од дома, да отиде што подалеку. И желбата го однела во Англија, Соединетите Американски Држави, Бразил, Иран, Саудиска Арабија, Гана во Африка... Ова е неговата возбудлива приказна низ скалилата на успехот.

Отец Оливер Петровски

Помагајте! Вие што имате повеќе, дајте им на тие што немаат ништо. Ова е неговата порака до сите граѓани. „Свети Спас“ работи под покровителство на Македонската православна црква и со благослов од нејзиниот поглавар г.г. Стефан.

Мек на збор, љубезен, тивок и кроток... На прв поглед вака изгледа отец Оливер Петровски од Драчево, кој раководи со хуманитарната организација „Свети Спас“. Но, овој човек сета негова кроткост за неколку секунди ја претвора во бунтовност и борба кога ќе слушне лелек за помош.
„Помагајте! Вие што имате повеќе, дајте им на тие што немаат ништо“. Ова е неговата порака до сите граѓани. Логична е, но за жал не стигнува до сите. Иако, во последните неколку години многумина ја слушнаа, организацијата порасна, па благодарение на тоа, повеќе од 200 семејства денеска редовно добиваат помош во храна и средства за хигиена.
„Свети Спас“ работи под покровителство на Македонската православна црква и со благослов од нејзиниот поглавар г.г. Стефан.
Подготвил: С.Ѓ

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема