X
 11.11.2023 Наука

Плацебо-копчиња: Зошто светот е полн со копчиња што всушност не функционираат?

Светот е полн со копчиња што не функционираат, кои некои луѓе ги нарекуваат „плацебо-копчиња“ - може да се притиснат и да слушнете „клик“, но всушност ништо нема да се случи.

Но, како и плацебо-таблетите, тие копчиња сè уште имаат одредена цел, вели Елен Лангер, психолог од Универзитетот „Харвард“ и автор на концептот „Илузија на контролата“.

- Тие копчиња имаат психолошки ефект. Преземањето акција ги прави луѓето да се чувствуваат дека ја контролираат ситуацијата, што е добро чувство и прави да чувствуваат дека не се само пасивни набљудувачи - вели таа.

Во Њујорк, на пешачките премини, од 1.000 копчиња за палење на зеленото светло само 100 работат, потврди градското одделение за транспорт. Тој број во последните години постојано се намалува.

„Њујорк тајмс“ во 2004 година откри дека повеќето копчиња од овој тип во Њујорк не работат, односно дека работат само 750. Влошувањето на сообраќајот е причина за промената. Копчињата за зелено светло за пешаците биле инсталирани пред сообраќајниот метеж да го достигне денешното ниво, а овие копчиња ја попречуваат сложената координација на семафорите.

Други градови како Бостон, Далас и Сиетл поминале низ сличен процес, намерно оставајќи плацебо-копчиња за пешаците. Во Лондон, кој има 6.000 семафори, со притискање на копчето за пешаци се вклучува трепкачкиот знак „Почекајте“. Но, тоа не значи дека зеленото светло за преминување на улицата ќе се вклучи порано отколку што би се вклучило доколку не го притиснете копчето.

Најчестиот трик во лифтовите

Најчесто користеното плацебо-копче се наоѓа во лифтовите, а тоа е копчето „Затвори ја вратата“ што речиси сигурно не функционира никаде во САД.

- Едноставно кажано, ако се притисне тоа копче, вратата нема побрзо да се затвори - вели Кевин Бринкман од Националната индустрија за лифтови.

Постои многу добра причина за тоа: Законот за Американците со инвалидитет од 1990 година вели дека вратите на лифтот мора да останат отворени доволно долго за да овозможат безбедно влегување на лица со попреченост или пречки во движењето, лица со патерици или во инвалидска количка.

Сепак, надвор од САД има поголеми шанси копчето за затворање на вратата од лифтот да работи, а тоа е регулирано со градежната регулатива или на барање на купувачот на лифтот. Исто така, познато е дека термостатите на уредите за климатизација во хотелските соби имаат ограничен температурен опсег со цел да се намалат трошоците за енергија.

Практиката не е ограничена само на хотелите, вели Роберт Бин од Американското здружение на инженери за греење и климатизација. Некои термостати имаат дизајн кој мами. Некои модели имаат дури и опција „плацебо функција“: со вртењето на копчето всушност не се добива ништо, односно температурата не се менува.

Позитивен ефект


Според психологот Елен Лангер, плацебо-копчињата имаат позитивен ефект врз луѓето бидејќи им даваат илузија на контрола и им дозволуваат да направат нешто во ситуации кога алтернативата би била да не прават ништо. Ова објаснува зошто луѓето го притискаат копчето за да го повикаат лифтот иако тоа е осветлено затоа што некој друг веќе го притиснал.

Во случај на пешачките премини, плацебо-копчињата ја зголемуваат безбедноста на пешаците бидејќи додека чекаат да ја преминат улицата, тие се принудени да внимаваат на сообраќајот.

- Притискањето копче е толку мала постапка што дури и да нема ефект, има психолошка цел - заклучува психологот Елен.

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука