Елените имаат способност да ја гледаат ултравиолетовата светлина, а неодамнешно истражување покажува дека тие можат да остават и светлечки траги видливи во тие бранови должини.
Откритието отвора целосно нов поглед на начинот на кој елените комуницираат меѓу себе и како ја перципираат својата околина.
Мажјаците од видот вирџиниски елен се познати по тоа што ја означуваат својата територија во шумата во текот на есенската сезона на парење. Тие ги тријат роговите од дрвјата и шумската почва оставајќи „сомотска“ кожа од роговите - мека кожа богата со крв која ги покрива роговите додека растат и оставаат мирис во форма на секрети, урина и измет.
Овие траги служат како знаци за присуство на еленот: предупредување за ривали и сигнал за потенцијални партнери. Но, мирисот не е единствениот јазик со кој комуницираат елените.
Научници од Универзитетот во Џорџија, САД, откриле дека овие траги „светат“ во ултравиолетови бранови должини, кои очите на еленот можат да ги видат.
- Фотолуминесценцијата што се јавува би била видлива за елените врз основа на претходно опишаните способности на нивните очи - пишува тимот во своето истражување.
Ова е првпат научниците да документираат дека некој цицач користи фотолуминесценција во својата околина, иако ултравиолетовата фотолуминесценција кај цицачите се проучува веќе повеќе од еден век.
Даниел де Роуз-Брокерт, постдипломски истражувач на Универзитетот во Џорџија, и неговите колеги го спровеле истражувањето во шумата Вајтхол, која е на површина од 337 хектари, каде што елените слободно се движат.
Тимот ги следел „знаците“ на елените - 109 триења и 37 траги од мирис за време на две приближно месечни анкети есента 2024 година.
- Триењето и урината покажаа фотолуминесценцијата - вели тимот.
Не е јасно колку од оваа светлина доаѓа од дрвјата и грмушките, а колку од остатоците од течностите на елените.
Истражувањето покажува дека елените комуницираат со светлечки „огласни табли“ низ целата шума, кои ние не можеме да ги видиме.
Што точно кажуваат елените? Сè додека не се спроведат дополнителни истражувања, нема да знаеме со сигурност.
Извор:
Science Alert
Фото: Screenshot/Youtube/National Deer Association